Косовскиот премиер Албин Курти вели дека е подготвен за билатерална соработка меѓу земјите од регионот, но кога станува збор за заеднички иницијативи, како што е Отворен Балкан, не мисли дека е тоа добра идеја, бидејќи во таа иницијатива ја нема ЕУ. Во рамки на денешниот самит организиран од „Економист“, се сретнал со премиерот Зоран Заев, но рече дека колегата од Скопје не ја отворил темата Отворен Балкан.

„Не ја зедовме предвид таа тема, ние веруваме во Берлинскиот процес и заедничкиот регионален пазар кој е дел од Берлинскиот процес. Мислиме дека иницијативи кои во себе ја немаат ЕУ, не можат да бидат безбедни, стабилни и корисни, затоа повеќе ја истакнуваме потребата за билатерална соработка во Берлинскиот процес. Од друга страна, и како политичка ориентација, но и културен сензибилитет, јас не им припаѓам на оние политичари кои веруваат во тоа дека Балканот е доволен сам на себе“, истакна Албин Курти.