Косовскиот премиер Албин Курти денеска на прес-конференција го претстави планот за регистарските ознаки на автомобилите кои за градовите на Косово ги издаваат српските органи, според кој сопствениците на таквите возила од понеделни, 1 ноември, ќе бидат предупредувани и оваа мерка ќе трае три недели, односно до 21 ноември, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа.

Потоа до 21 јануари 2023 година ќе се изрекуваат казни, а по овој период уште два месеци ќе се издаваат пробни таблички.

Од 21 април 2023 година, како што рече Курти, нема да биде дозволено движење на возила со други таблички освен оние со ознака РКС (Република Косово).

Портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс повтори дека Косово има право на примена на режимот на замена на регистарските таблички издадени во Србија,во согласност со Бриселскиот договор, што Белград го негира.

„Продолжувањето е во интерес на остварување напредок во дијалогот со кој посредува Европската Унија за нормализација на односите на Косово и Србија. САД се загрижени и разочарани од тоа што Косово ги отфрли барањата на меѓународните партнери да го направи тоа“, истакна Прајс.

Во соопштението се укажува дека Косово и Србија би требало итно и флексибилно да работат на постигнување сеопфатен договор за нормализација на односите базиран на заемно признавање….