Неколку минути по полноќ, американскиот амбасадор во Косово, Џефри Ховениер, соопшти дека побарал од косовските власти да го одложат казнувањето за 48 часана српските возачи кои ќе одбијат да прифатат косовски регистерски таблички, за да можат САД и ЕУ дополнително да се ангажираат околу изнаоѓање решение.
„Загрижени сме што лидерите на Косово и Србија не беа во можност да постигнат договор“, кажа Ховениер.
Набргу потоа, Курти изјави дека го прифатил американскиот предлог за 48-часовно одложување на примената на владината одлука за казнување на српските возачи.
Српскиот претседател Александар Вучиќ предупреди дека ситуацијата во Косово е буквално на раб на конфликт. Етничките Срби неодамна се повлекоа од сите државни институции во Косово, вклучувајќи ја и полицијата.
Европската Унија и Србија вчера предупредија дека на Косово би можело да избие насилство откако преговорите со посредство на Брисел не го решија спорот. Косовските власти инсистираа етничките Срби да ги предадат старите регистерски таблички издадени од Србија пред војната во 1999 и планираа од денеска да изрекуваат казни од 150 евра за оние кои ќе одбијат да го направат тоа.
