Курцшлус во Секретаријатот за ЕУ: Кој блокира донации и проекти за Македонија?

Кој во Секретаријатот за Европски Прашања ќе одговара за изгубените донации и проекти?

Ова е прашање кое до нашата редакција го упатија неколку организации, компании и фондации кои со месеци чекаат да добијат решение за регистрација од Секретаријатот за Европски Прашања за да можат да ја продолжат процедурата низ останатите државни институции за нивните проекти чии донатори се американски и европски владини и невладини организации и институции.

„Со оглед дека оваа Влада и нејзините институции не превземаат ништо ако тоа не излезе по медиумите, одлучивме дека и ние јавно ќе го прозвеме Секретаријатот за Европски Прашања и одговорните лица да ни одговорат зошто, иако на нивната веб страница https://www.sep.gov.mk/page/?id=34#.YGn9-68zZPY е јавно пропишано дека процедурата за добивање на решение трае максимум 15 работни дена, всушност ние чекаме по два и повеќе месеци?“, коментираат невладини активисти и проект менаџери на компании кои мака мачат да им објаснат на своите донатори со каков вид на проблеми соочуваат.

„Како да им објасниме на нашите донатори дека не сме во можност да го реализираме проектот за кој тие издвоиле средства бидејќи со месеци не можеме да го добиеме најосновниот документ од Секретаријатот?“, велат во реакциите претставници на апликантите кои со години работат на истиот начин но сега процесот е целосно заглавен од за нив необјасниви причини.

„Замислете, имаме одобрен проект кој треба да се спроведе во рамки од 6 месеци и треба да донесе бенефит за нашите граѓани, а ние уште сме 2 месеци заглавени во лавиринтот на административната бирократија! Како тоа да го ставиме во извештајот до донаторот? Кој донатор би сакал некогаш повторно да донира во Македонија со ваков неодговорен однос на институциите?, прашуваат револтирани експерти кои имаат доглгодишно искуство во аплицирање и спроведување проекти.

„И да бидат нештата уште полоши, ниту има кого да го контактираме, ниту има лице кое е задолжено да даде било каков одговор или помош во процесот!“ Постои само архива и безнадежно долго чекање!
Како да не е доволно тешко да обезбедиме проекти и донации во овие исклучително тешки времиња, уште сме осудени на милост и немилост на непрофесионалноста и неспособноста на нашите институции и администрација која не може во разумен рок да ги спроведе сопствените одлуки?“, велат загрижени проект менаџери кои сметаат дека е недозволиво ваквото неодговорно однесување на институциите.

“Посебно сме разочарани од ноншалантноста на Секретаријатот за Европски Прашања и неговите вработени кои не само што ќе треба да им објаснат на македонските граѓани зошто странските донатори нема да ги насочуваат своите средства во Македонија, туку и кој ќе ја превземе одговорноста за сите запрени проекти од програмите на Еразсмус +, УСАИД, УНДП и други!“, пишуваат во својата реакција засегнатите претставници на проекти и организации.