Курц се повлекува од политиката

Поранешниот австриски канцелар Себастијан Курц, најави дека ја напушта политиката, откако против него беше покрената истрага за корупција, пренесе АФП.

Конзервативецот, кој на 31-годишна возраст во 2017 година стана најмладиот демократски избран премиер во светот, одржа прес-конференција, поднесувајќи оставка и како лидер на својата партија и како пратеник.


„За мене започнува ново поглавје во мојот живот што можам да го отворам денес“, изјави 35-годишниот конзервативец, додавајќи дека сака да поминува време со семејството, особено со новородениот син.

„Денешната одлука не ми беше лесна“, рече тој, додавајќи дека потребата да се бори со неодамнешните обвинувања за корупција има висока цена и ја намали неговата „страст“ за политиката.

Курц ги отфрли сите наводи за погрешно постапување и повтори дека се надева дека ќе добие шанса да ја докаже својата невиност на суд.

„Лично со нетрпение го очекувам денот на суд каде што ќе можам да докажам дека обвинувањата се лажни“.

Курц беше обвинет дека вршел влијание врз медиуми да и промовираат него и неговата партија.