Куновска за бегството на Мијалков: Ги заболе Зоран и Радмила за правдата

Актерката и поранешна пратеничка од СДСМ, Софија Куновска, „распали“ по лидерот и премиер Зоран Заев и по неговата заменичка во владејачката партија и министерка за одбрана Радмила Шекеринска по бегството на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков.

„Заминувањето на Зоран Заев и Радмила Шекеринска

Со помала или поголема штета за државата, заминувањето на двоецот е сосем извесно, прашање на одбројување, во месеци или денови. Притоа, тоа што е важно да се има предвид е следното:

Прво, само природно планетарно глупи или платени веруваат дека бекството на Мијалков нема врска со испорачаните гласови за 2/3 мнозинство за Заев.

Второ, сместени шарени и рент-а-новинари, ако вака замислувавте ‘нема правда, нема мир’, конечно веројатно ќе мора да признаете дека ‘се измочавте’ на сите добронамерници, кои верувавме дека има трошка надеж да станеме пристојна држава, по членството во НАТО и евентуалниот почеток на преговори за влез во ЕУ.

Трето, добронамерен совет за оние функционери кои сè уште не го загубиле човечкиот капацитет да разберат каков фалш дрес носат, останувајќи да бидат министри во оваа Невлада, запомнете: Ги заболе Зоран и Радмила за правдата, бидејќи одамна им се хируршки отстранети сите рецептори за морал, вистина, етичност, правичност и солидарност. За нив, сè, ама баш сè е плен кој треба да се зграби и од него да се профитира. Бидете мудри, нека не ве води клиентелизмот, туку разумот… ‘палете’ патиките со време, за да не станете во блиска иднина новите Миле и Гордана. Верувајте, од лично искуство зборувам, животот е многу убав и без функција ако си го сочуваш образот и можеш со чиста совест да се погледнеш во огледало. Човекот не го прават функциите, туку делата, особено оние кои се преземаат кога е тешко да ја прифатиш реалноста и е потребно да се соочиш со сопствените заблуди“, коментира на Фејсбук експретседателката на Градската организација на СДСМ – Скопје.