Кумашинот на Заев и „албанските“ кадри во СДСМ под жестока критика

Незадоволство и жестоки критики трпат неколкутемина Албанци во раководството на СДСМ по анализата на изборните резултати, тврдат партиски извори кои најавуваат одговорност за погрешните проценки на луѓе од врвот на партијата.

Деталната првична анализа покажала дека СДСМ на овие избори освоила двојно помалку гласови од Албанци отколку што освои во 2016 година што се смета за дебакл ако се земат предвид бројот на вработувања за членови на партијата Албанци и бенефиции дадени на потенцијални гласачи Албанци.

Критичарите сметаат дека главни кривци за дебаклот на СДСМ во албанските средини како на пример Чаир, Арачиново и Липково се потпретседателот Мухамед Зекири, министерот за дијаспора Едмонд Адеми и главниот партиски економист Фатмир Битучи кои ветувале драстично зголемување на бројот на гласачи Албанци.

Најголемите критики се однесуваат на кумашинот на Заев Мухамед Зекири кој се смета за креатор на стратегијата за коалиција со Беса која не го зголеми бројот на гласови во Тетово.

Критиките кон Зекири засега се одвиваат само во партиските кулоари и се потиснуваат во очекување на враќање на Заев од одмор.

Првичната партиска анализа покажала дека наместо 30 илјади гласови какво што било ветувањето од Зекири и Касами на контото на коалицијата легнале помалку од половина од очекуваната бројка за што сега се бара партиска одговорност.