Кулеба: Украина во првиот бран ќе добие од 120 до 140 тенкови

Во првиот бран Украина ќе добие од 120 до 140 западни тенкови од коалицијата дванаесет земји, најави украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба. Западните земји овој месец му ветија на Киев тенкови за да се одбрани од очекуваната руска офанзива во источна Украина.

„Тенковската коалиција сега брои дванаесет члена. Можам да кажам дека во првиот бран, украинската војска ќе прими меѓу 120 и 140 западни тенкови“, рече Кулеба на онлајн брифингот. Тој додаде дека се работи за германските тенкови Леопард 2, британските Челинџер 2 и американските М1 Абрамс и дека Украина смета и на постигнување договор за француските тенкови Леклер.

Кулеба не ги наведе датумите на испорака. Обуката за ракување со тенковите исто така ќе трае одредено време. Министерот рече дека Киев дискретно работи на тоа уште земји да испратат тенкови. „Продолжуваме да работиме на проширување на тенковската коалиција како и оние земји кои веќе ги ветија да го зголемат својот придонес“, рече тој.

Киев планира масовна контраофанзива за да ја врати територијата на југот и на истокот на земјата што беше освоена од Русија. САД ја советуваа Украина да не извршува напади додека западната воена помош не пристигне во земјата.