Кулеба ја провоцира Алијансата: Mислевме дека НАТО е моќна сила

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба го обвини НАТО дека „буквално ништо“ не прави за да ја спречи руската инвазија на неговата земја. Кулеба ја пофали ЕУ за „револуционерните“ одлуки за поддршка на Киев, но рече дека НАТО останува „целосно на страна“.

„НАТО како сојуз, како институција е целосно на страна и не прави буквално ништо. Жал ми е што морам да го кажам тоа“, рече Кулеба на Светскиот економски форум во Давос, пренесува „Гардијан“.

На почетокот на војната во Украина, НАТО се сметаше за моќна сила и ЕУ можеше да изрази само различни нивоа на загриженост, рече Кулеба, додавајќи: „Но војната е секогаш тест што ги симнува маските“.

Кулеба го пофали Брисел за „револуционерните одлуки што тие самите не очекуваа да ги донесат“. Тој исто така нагласи дека некои членки на НАТО и помагаат на Украина.

Тој го отфрли тврдењето на Москва дека е подготвена да обезбеди хуманитарен коридор за бродовите кои превезуваат храна од Украина во замена за укинување на некои санкции.

„Не можете да најдете подобар пример за уцена во меѓународните односи. Ако некој верува во ова, мислам дека има проблем со таа личност и не треба да губиме премногу време обидувајќи се да разбереме зошто таа личност мисли така“, рече Кулеба.

Да потсетиме, претходно Кулеба рече дека на Украина и требаат повеќецевни ракетни системи (MLRS) што е можно поскоро бидејќи ситуацијата во источниот регион Донбас е „исклучително лоша“.