Кукуш и Македонија се бугарски во напис на информативната агенција Њуз фронт од Бугарија за роденденот на „титанот“ и „бугарски револуционер“, како што го опишува Гоце Делчев.

„На 23 јануари (стар стил) 1872 година во бугарскиот град Кукуш (Беломорска Македонија, а денес Килкис, украден и поробен од Грција) е роден титанот Георги (Гоце) Николов Делчев. Еден од најголемите бугарски револуционери и национален херој. Апостолот на поробена, бугарска Македонија. Водач и идеолог на Бугарските македоно-одрински револуционерни комитети, подоцна познати како ВМОРО“, пишува Њуз фронт во воведот на подолгиот напис за животот и делото на деецот за кој се судрија македонскиот и бугарскиот дел на Мешовитата комисија за образовни и историски прашања.