Преспа. Еден од најубавите предели на Македонија од двете страни на граничната линија. Кога ќе погледнеш од ридот викан Превалот, пред очите ќе ти легне целото Мало и Големо Преспанско Езеро и нивната околина.
Од мене толку, бидејќи други, многу посилни пера ја имаат опишано целата нејзина убавина, страдања, болки, очај, ужас, мечти и надежи. Јас би се нафатил да потсетам на два настани од поодамнешното и посегашното време во кое се ткаеше судбината на Преспа, најмногу отаде граничната линија.

Мој познаник од Лерин ми ја подари книгата ,,Историја на Граѓанската војна”. Многу интересно четиво, кое буди вчудовиденост и морници, не те остава рамнодушен и ноќта да ја поминеш со мирен сон. Грозомор ќе те следи до зори и денот ќе ти биде отслик на пекол.


На страница 533 пишува дека на рамниот простор на Малото Преспанско Езеро и на целиот пат од Превалот до Р’би и Пероо-Кулата, па се до селото Нивици, на 13 и 14 август 1949 година грчкото воено воздухопловство фрли 34 бомби тешки 250 кг, 530 бомби тешки 125 кг, 1.900 бомби тешки 10 кг, 620 ракети, 26.000 гранати, 43.000 митралески куршуми и 70 напалм-бомби, во тоа време најужасното и најубиственото оружје.

Во книгата не е напишано колку гранати испукаа тенковите, топовите, минофрлачите и колку куршуми исфрлија пушките, митралезите и автоматите. Авторот не наведува колку гранати и куршуми фрлија топовите, минофрлачите, тенковите, пушките, автоматите, митралезите. Површината на тој простор не е поголема од 10-тина квадратни километри. Малку или многу железо падна на тој простор врз осакатените единици на ДАГ и големиот број цивилно население кое во невидена паника иташе кон Пероо- Кулата за да најде спас на полуостровот што го нарекоа Африка? Авторот бележи дека 80 отсто од тие кои се повлекуваа по овој отворен простор беа убиени. Не, тоа не беше боиште. Тоа беше кланица. Малку или многу беше количината на фрленото железо и олово, малку или многу се загинатите чии коски лежат во масовните гробници на просторот меѓу Раби и мостот Пероо-Кулата, во песоците и трските меѓу Големото и Малото Преспанско Езеро? Таму не гинеа Егејци, таму гинеа Македонци, а на тие кои успеале да останат живи, им беше пресуден чемерен егзодус.

Тоа железо и челик прво беше применето на Грамос заедно со бурињата наполнети со запалива смеса во која гореа и луѓе и земја. Така од 14 јуни до 20 август 1948 година гореше и се бранеше Грамос каде изгина цутот на македонската и на грчката младост. Беа фрлани од американски и англиски авиони врз слабо вооружените, но необично храбри борци на Демократската армија на Грција во чии редови од вкупниот број 25.000, се бореа 14.000 Македонци, момчиња и девојки на возраст од 16 до 25 години, мал дел доброволци, а најголемиот број насилно мобилизирани. Заедно со соборците Грци и тие во најголемиот број, како и Македонците, селски момчиња и девојки. Пеколот на Грамос траеше 70 денонoќија. Епопеја на издржливост, јунаштво, храброст, борбеност и вера. Што бранеа пред стоилјадната владина војска добро вооружена од Соединетите Американски Држави и придружена со американски и англиски воени советници? Бранеа ридови, планини и карпи и гинеа на карпите и зад карпите. Една година по крвавата битка за Грамос и по крвавите и неуспешните битки за Негуш, Воден и Лерин, пусија фатија во ридовите и планините на реонот викан Вичо, каде по наредба на Политбирото на КПГ и Главниот штаб на ДАГ, беше фрлена паролата „На Вичо непријателот нема да помине“ и целокупното цивилно население, од сите села на реонот Вичо и од Преспа, независно од возраста го мобилизираа да копа ровови и да гради бункери. Само ноќе. Беа убедувани дека непријателот на Вичо нема да помине. Го чекаа непријателот и го дочекаа.
Утрото, на 10 август 1949 година, пред добро да изгрее сонцето борбените авиони од аеродромите во Јанина, Кожани, Костур, Лерин и Солун ги пеплосаа рововите и бункерите на ветувањето и на надежта. Потоа во јуриш тргна владината војска потпомогната со тенкови, борни коли, стотици топови и минофрлачи. Бранителите и напаѓачите еден против десет. Најопасните позиции ги бранеа борци-инвалиди, кои за- секогаш останаа во оганот и во пепелта на бункерите и рововите.

А пред тоа во Нивици, во селската црква, на 25 март 1949 година се одржа Вториот конгрес на НОФ со учество на 700 делегати од кои повеќето беа борци на ДАГ, генералниот секретар на КПГ свечено ги пофали и подмолно ги измами:

„Во Северна Грција, македонскиот (славо- македонскиот) народ даде се за борбата и се бори со сеопшт хероизам и самопожртвуваност со што предизвикува восхит. Не треба да постои никакво сомнение дека како резултат на победата на ДАГ и народната револуција, македонскиот народ целосно ќе се здобие со национално возобновување така, како што самиот тоа го сака и за да го добие, денес ја жртвува својата крв“.

Таа голема лага на генералниот секретар на КПГ не ја прифатија ниту неговите најблиски соработници, а голем број Грци и Македонци, затвореници и логораши, кои поради партиската дисциплина доколку ја прифаќаа таа луда идеја, без судска пресуда беа стрелани како велепредавници.

Со верба во водачот македонскиот народ го жртвуваше својот живот, ги жртвуваше своите најблиски. Се жртвуваше себе си.
Тоа гласно искажано – национално возобновување – не беше ништо друго, туку ветување дека во Грција, Македонците ќе се здобијат со своја автономија. Во говорите на челниците на НОФ, тоа ветување акламативно беше прифатено, пофалувано и потоа ширено меѓу борците на ДАГ и настраданото македонско селанство, кое уште повеќе се мобилизира и со возвишените пароли извикувани од активистите и пропагандистите на НОВ, уште повеќе ја жртвуваше својата крв и живот. Ниту еден Македонец и Македонка да не остане без пушка и целосно да тргне во бој за победата на ДАГ и на народната револуција, кои станаа најомилена парола во активностите на НОФ. Во текот на последните пет месеци од поразот на ДАГ, во духот на таа измама Македонците веќе претставуваа половина од борбениот состав на ДАГ. Тоа возобновување на нешто што не постоеше, а допрва требаше да се оствари, не значеше ништо друго туку мобилизација на целокупното македонско население и внесување делба, омраза, раздор и караница меѓу Македонците во Грција и во Народна Република Македонија. Творецот не беше наивен. Знаеше тој пат каде може да води. Воспитаникот на Берија и миленик на Сталин ги следеше трагите кои водеа кон уништување. Македонците учесници во Граѓанската војна тоа доцна го сфатија. Скоро целокупното население од Костурско и од Леринско, комунистите го преселија во шумите во близина на грчкото-албанската граница. На непријателот, рекоа, на тој начин ќе му оставиме пуста, изгорена земја каде нема да има можност да се храни. Токму тоа му требаше на непријателот, за кого храната непрекидно и во изобилство со бродови пристигнуваше од Америка. Не е чудно што Аргир Ковачи, мајор на ДАГ во писмото упатено до Захаријадис меѓу другото му напиша: „Барам да го заштитиме, другар Захаријадис, остатокот од славомакедонскиот народ, кој ние го откорнавме и го пративме во емиграција…“

Времето со помош на оригинални документи полека ќе ги открие сите кои ја предизвикаа војната и трагедијата на Македонците.
Преспа за целото време на траењето на Граѓанската војна, беше нејзин центар. Од другата страна на границата, во селото Асамати, во вилата на рускиот белогардеец, полковникот Гриценко, на 23 декември 1947 беше формирана привремената влада и до 28 јуни 1948, кога беше прогласено Информбирото, беше ноќно седиште на генералниот секретар на КПГ, на дел од неговите најблиски соработници придружувани од високи личности на тогаш Комунистичката партија на Македонија. Тука целата таа дружина, во светлината на газиените ламби (во Преспа струја се воведее во 1957 година) се гостеа со највкусни јадења од преспански крап и пиеја најдобри македонски вина. Во мугрите џипот се враќаше во Винени или во Нивици или во Орово или во Граждено.
Вилата на рускиот белогардиски полковник Гриценко и денес постои во Асамати.

По прогласувањето на Информбирото, Захаријадис застана на страната на Сталин. Патот до Асамати веќе му беше затворен и место на претој најде во планинската пештера над селото Винени. Денес тоа мечкино мрачно дувло каде се носеа и мрачни одлуки, се вика „Спиља Захаријадис“ – „Пештера Захаријадис“ и стана туристичка атракција. До крајот на војната Преспа беше седиште на военото и политичкото раководство на ДАГ и КПГ и седиште на НОФ. Во Преспа се носеше оружјето од Југославија и од другите комунистички земји и од Преспа ноќе, товаренo на коњи и мазги Преспани го пренесуваа во Грамос. Во Преспа беше печатницата која печатеше македонски весници; во Преспа беа отворени првите курсеви за македонски учители и првите македонски училишта. Преспа беше слободна територија и трн во окото на Атина.
Седумдесет години подоцна во Нивици се појавија црни патнички коли. Не носеа бомби, туку текст на договор наречен Преспански договор. Возеа по истиот пат каде на 13 и 14 август 1949 година загинаа стотици борци на Демократската Армија на Грција и жители на Преспанските и подалечните села. Возеа по патот каде почна поразот и егзодусот. Во колите насмеани лица. Меѓу нив потписниците, премиерите и тие, кои со години ветуваа, наговараа и вршеа притисок, тие, претставниците на Западниот свет од каде не остана ниту претседател, ниту премиер, ниту министер кои од говорницата на собранието се ветуваа.

Патот заврши во Нивици.

До карпа, некогаш крвава, што виси над езерото – свечено украсена маса, државни знамиња и тие – потписниците и советниците. Брмчат камерите, телевизиите вршат пренос. Кратко исчекување, потписниците, министри за надворешни потпишуваат нешто што учените во правото, експертите и стручњаците оценија дека текстот на договорот што го напишаа други, а го потпишаа тие за кои се слушна, дека дури и не го прочитале. Како и да е ќе покаже правната наука и времето и ќе се види штетата.

Потпишувањето го обележаа громките ракоплескања, гушкањата, лигавите бакнежи. Најнасмеан и сигурно најсреќен е премиерот на нашата земја. Од радост мисли што да му подари на грчкиот колега. Му текна. Ја одврзува црвената вратоврска и со широка насмевка му ја подава. А тој, кутирот, не ја прима, се повлекува, се брани. Знае што е јамка.

Дали тие, од оваа страна на границата кои воодушевено го потпишаа Преспанскиот договор, ги знаеја погоре наведените историски факти?

Познато е дека Државните договори секогаш се потпишуваат во свечено украсени сали, а не во некогаш запустено ридско и крајезерско село каде скоро пред седумдеситина година беше облеана со македонска и грчка крв во име на слободата. Дали само поради убавината на Преспа и сега поради прекрасно уреденото Нивици, некогаш едно од најсиромашните преспански села, одлучија токму таму да го потпишат договорот или, пак, за предупреда и потсетување дека токму тука, во Преспа, Атињаните да потсетат дека тука ги столчивме вашите сонародници, а тие, кои успеале да се спасат од напалмот, ги протеравме отаде граница и со овој договор вие се откажвте и од нивните мртви и живи?
Сега Нивици, некогаш најсиромашното село во Преспа кое живееше од лов и продажба на циронки, е познато туристичко село. Средено е и богато. Стотици туристи од цела Грција оставаат таму куп пари. Ги привлекува природата и богатата трпеза со вкусни македонски јадења и македонски вина. И кога се изговара неговото име, тогаш едни од нив и едни од нас се згрозуваат, а други од нив и други од нас се радуваат и гордеат. Грците селото го именуваа со името ПЦАРАДЕС (Рибари), а нашите државата ја именуваа со името СЕВЕРНА.

Потписниците за да го избришат својот валкан образ, рекоа дека тоа го направија во име на народот.
По години едниот од потписниците, јавно и гласно ќе се издери – срамота е луѓе! Срамота!

Извика човекот, остана жив и се нафати да прави партија за спас на тоа што го уништи.
Се запраша ли тој за кого е срамота?
Па токму тој, кој го стави потписот, чија рака таткото писмено јавно ја благослови, дали од гризење на совеста или нешто друго, гласно ќе се издере: Срамота е луѓе! Срамота!

За кого, пиле, е срамота?
Кој е тој народ кој со договори се откажува од делови на својот народ, од индентитет, од јазик?

Тоа го посакаа, го изнудија и го добија други, а нашите, нека ги наречеме така, без размисла и недораснати да чуваат држава, го дадоа и името на државата и доведоа до нејзино опстојување.

И не само тоа, туку и многу друго. А тоа ме потсетува на Прличевата песна „1762 лето“ во која се пее:

„ … ќе ве дават, ќе ве стрижат ќе м’лзат до крв
Меѓу народот ќе сејат
Несогласија и раздори,
Да се мразат син со татко и со брата брат
Еј! И со брата брат.“
Потсетувајќи се на Преспанскиот договор и неговите последици што веќе следат, трагично, до солзи ми прозвучуваат предупредувачките зборови на генијалниот Прличев.

За секој народ патриотизмот е темелен поим во кој е вградена историјата. Ако не ја знаеш историјата на сопствениот народ не барај и не настојувај да бидеш претседател на државата, премиер на владата и министер и не потпишувај штетни договори. А вие кои веќе се дофативте до тие позиции, берете ум и не заборавајте дека некој потсети дека не ги фрлил чизмите на буниште, туку ги обесил на таванот и за потсмев или предупредување дека токму сега му е времето за уште едно или повеќе барања. Помина небаре како да е шега, тоа што некој изгревот на сонцето го преместил на запад. Само кутриот Коперник се преврти во гробот. И уште. Не затворајте очи, кога некој пред нос ви отвора клубови, не ви признава идентитет и јазик и некој од вашиот круг, дел од својот народ бара во преамбулата на Уставот да го внесе како малцинство.

Егејците, вели заменик-министерката, се малцинство и без срам бара како малцинство да ги внесе во преамбулата на Уставот. И пак ќе речам, патриотизмот не е само темелен поим, туку знаење дека тие, Егејците, не се малцинство во државата во која со своето знаење, трудољубивост и чесност, со високо развиено национално чувство, придржувајќи се на долгата традиција која извира од Кирила и Методиј, Гоце Делчев, Загоричанецот Благоев, Мисирков, Влахов и цела плејада умни и мудри личности независно од местото на своето живеење и образование, високо го држеа и го држат факелот на македонштината, па оттука имаат вкоренет влог во создавањето на македонската држава.
Несомнено Преспанскиот договор има историско значење. Времето ќе потврди дали најголема корист ќе имаат малите на Балканот или големите отаде океанот.
Денес на Запад се дига огромен крик ако се најде гробница од само неколку убиени. Денес никој не се најде да ги открие и да ги отвори масовните гробници во Преспа, во реонот на Вичо и во Лерин. Денес Преспа е заборавена масовна гробница. Денес во Преспа има малку живи Преспани. Малку се живите Преспани кои доаѓаат во Преспа. Многу се гробовите и гробниците во Преспа.
Во таа Божја убавина сега има многу гробови и гробници на Преспани.

Не заборавајте! Тие не се Егејци, туку Македонци.

д-р Петре Наковски, писател и поранешен амбасадор

Петре Наковски е роден на 17 јули 1937 година во с. Крчишта, Костурско, Егејска Македонија. Педагошки лицеј завршил во Полска, а Филолошки факултет во Скопје. Докторирал на Институтот за политички науки на Вроцлавскиот универзитет во Полска. Бил новинар во весниците „Вечер“ и „Нова Македонија“. Работел во Министерството за надворешни работи на Република Македонија. Бил амбасадор на Република Македонија во Република Полска. Член на ДПМ од 1989 година. Автор е на книгите: Постела за чемерните (роман, 1985), Македонски деца во Полска 1948-1968 (докторски труд, 1987), И каменот е земја (роман, 1988). Добитник е на наградите: „Златно перо“, Награда на полските автори и полските одликувања: „Златен медал за заслуги за полската култура“ и „Златен орден на командоријата“.