Ние имаме најниски даноци на Западен Балкан и затоа имаме економија која е комплетно зависна од кредити штл го поткупува нашиот економски суверенитет, а со тоа и политичкиот суверенитет, рече вчера од говорница во Собранието пратеникот од Левица, Борислав Крмов, за новиот предлог–буџет на Владата кој вчера беше изгласан.

Тој алармираше дека следната година државата ќе има најголем буџет кој не е развоен и дека постои опасност државата да не може да се справи со јавниот долг кој веќе достигнува над девет милијарди евра.

Крмов истакна дека речиси 50 % од приходите во буџетот предвидено е да се соберат од ДДВ, што е една од главните одлики на сиромашни држави, за разлика од најголемиот дел од европските држави каде има прогресивен данок и во време на криза масовно се даночат големите фирми.

„Оваа влада очигледно нема храброст да ги даночи најголемите компании.

Таа е Робин Худ за богатите – зема од сиромашните, малите и средните претпријатија и после, преку субвенции, тоа го враќа на мултинационалните корпорации, чиј профит постојано расте.

Сите премиери на Македонија ја третираат оваа држава како приватна фирма.

Ние почнавме со еден премиер кој матните бизниси на државна сметка ги водеше преку братучедот, продолживме со премиер кој матните бизниси ги водеше преку братот и сега имаме премиер кој матните бизниси на државна сметка ги води преку кумот.

Тоа е напредокот на политичката класа!” – рече Крмов.