Кривична пријава за Германец за расистички навреди кон маж од Македонија во Хамбург

Откако завчера наутро во хамбуршкиот кварт Ајмсбител бил навредуван 30-годишен маж од Македонија, полицијата идентификувала осомничен и против него поднела кривична пријава за расизам.

Според досегашните сознанија, дошло до гласна расправија меѓу македонскиот возач на автомобил што се паркирал и непознат велосипедист. Притоа, жител, кој дотогаш не бил инволвиран, го фотографирал настанот и и го навредувал македонскиот државјанин на расистичка основа.

Службениците повикани од Полициската станица 23 го лоцирале осомничениот и против 59-годишниот Германец покренале кривична постапка поради сомнение за навреда и поттикнување омраза.

Понатамошни истраги се спроведуваат од страна на Одделот за државна безбедност на полицијата во Хамбург и тие се во тек.