Кристијано Роналдо и официјално во саудиски Ал Наср за 200 милиони евра годишно!

Еден од најдобрите фудбалери на денешницата Кристијано Роналдо го склучи најголемиот договор во историјата на најважната споредна работа во светот, потпишувајќи на 2,5 сезони за Ал Наср од Саудиска Арабија за 200 милиони евра годишно!

Покрај играњето за деветкратниот саудиски шампион и поранешен финалист во азиската Лига на шампионите, 37-годишниот португалски напаѓач за таа сума ќе биде дел и од саудиската заедничка кандидатура со Грција и со Египет за соорганизатори на Светското првенство во 2030 година, според локалните медиуми.

„Со нетрпение очекувам да почнам да играм во нова лига во друга држава. Визијата на Ал Наср е многу инспиративна и возбуден сум што ќе им се придружам на новите соиграчи, заедно да му помогнеме на тимот да биде поуспешен“, е првата официјална изјава на Португалецот по својот прв трансфер надвор од Европа.

„Историја во создавање. Ова е потпис кој не само што ќе го инспирира нашиот клуб да постигне уште поголеми успеси, туку ќе ги инспирира и нашата лига, нашата нација и идните генерации, момчињата и девојчињата да бидат најдобрата верзија од себе. Добредојде Кристијано во твојот нов дом Ал Наср“, објави клубот на Твитер.

Роналдо повеќе од еден месец е слободен играч откако на 22 ноември спогодбено го раскина договорот со Манчестер јунајтед, каде што целиот прв дел од сезоната беше во втор план, поради што отворено проговори против тренерот Ерик тен Хаг и раководството на премиерлигашот.

Ал Наср по 10 одиграни кола во домашното првенство е втор на табелата, со два бода помалку од лидерот Ал Шабаб.