Крис Делисо: Македонија заморче за Европската армија

Европските федералисти предлагаат испраќање на војска во Македонија која би била експериментално глувче во нивните планови за создавање на ЕУ-армија. И никој тоа не сака да го види.

Ова го тврди сајтот Балкан анализис (Balkanalysis) повикувајќи се на извештај во врска со миграцијата, кој на 13-ти декември минатата година го објави моќниот евро-левичарски Институт за безбедносни студии или Institute for Security Studies (EUISS).

Иако од овој извештај поминаа цели пет месеци никој не нашол за потребно да реагира, иако, според авторот Крис Делисо, ова е класичен обид на евробирократите на суптилен начин да испробаат како би изгледало функционирање на европски воени сили, скриени зад наводната потреба за справување со мигрантската криза. Притоа цитира дел од извештајот на Институтот каде буквално се вели:

„А што ако се воспостави мисија за управување со кризи во ПЈРМ, каде што военото распоредување на ЕУ би можело да биде поздравено од Владата која не се снаоѓа најдобро со миграцијата, но сака да биде уверена дека ќе биде заштитена од руската закана?“

Во продолжение авторот анализира дека Македонија, за разлика од тврдењето на Институтот, сосем успешно се справила со мигрантската криза пред неколку години, но дека во меѓувреме дошло до политички промени и формирана е нова влада која, според него, би можела благонаклоно да гледа на идејата на евро-федералистите за доаѓање на воена мисија, иако во овој момент, нема вистинска опасност од повторување на мигрантскиот бран.

Притоа цитира изјава на вицепремиерката Радмила Шекеринска дадена неодамна во врска со сириската војна, каде таа истакнува дека безбедносто во светот е многу кревка, а за мали земји како Македонија е исклучително важно да бидат дел од колективните системи за безбедност. Иако мигрантската криза не е видлива како пред три години, таа постои и натаму па за нас би било најдобро на границата да имаме постојан а не систем кој би се активирал само кога е неопходно.

Од Балкан анализис побарале објаснување од Министерството за одбрана во врска со извештајот на Институтот за безбедносни студии но оттаму им било одговорено дека не соработувале со парискиот институт и одбиваат да коментираат анализи во кои немале никакво учество.

Балкан анализис објаснува дека постои сериозен раскол меѓу левоориентираните федералисти кои бараат начини за воспоставување на федерални односи во рамки на ЕУ при што заедничката војска има огромно значење и таканаречените суверенисти од десна провиниенција кои сакаат што поголема независност на државите членки на Унијата. Дополнителен проблем е и НАТО бидејќи САД од своја страна не сакаат ниту да чујат за европски безбедносен систем кој практично би дејствувал напоредно со Северноатлантскиот пакт.