Криптовалутите како средство против американските санкции

Иран, Северна Кореја и Венецуела се повеќе се вртат кон криптовалутите, како биткоинот, за да ги заобиколат американските санкции кои ги фрлија нивните економии на колена, тврдат експерти.

Трите најпогодени држави од санкциите на САД наголемо инвестираат во свои криптовалути, дури веќе и оформуваат сојузништва преку таа технологија.

Криптовалутите се форма на дигитални пари, кои користат кодирање за да ги заштитат трансакциите и да го контролираат создавањето на нови единици. Технологијата користи криптографија, вид на тајно кодирање кое произлезе од Втората светска војна. Најголемата привлечност на овие дигитални трансакции е што не оставаат никаква трага во системот и не можат да се следат.

Од друга страна, санкциите на САД се применуваат преку забрани за трансакции на поединци и институции, со огромна помош на мејнстрим финансискиот систем.

Криптовалутите не работат во рамките на постоечкиот систем – една од основните причини за создавање на овие валути беше да се заобиколи тој систем.

Со контрола врз една таква валута, сите држави кои се во моментов под санкции можат без проблем да ги заобиколат, дури и да прават зделки со оружје.

Ваквата состојба не е толку загрижувачка, бидејќи, сепак, се работи за организирани држави. Вистинскиот проблем кој ги засега сите настанува кога истите валути ги користат разни терористички и криминални организации, со што целосно ги одбегнуваат финансиските и законските регулатори.

Никита Малик, авторот на неодамнешниот извештај на британското друштво „Хенри Џексон“, насловен „Теророт во мрак“, вели дека властите мора под итно да си го зголемат својот увид во дејствувањето на терористите во сајбер-просторот и нивната употреба на технологии како што е биткоинот.

„Сепак, регулацијата во оваа област мора да се движи внимателно, за да го постигне балансот помеѓу либералните општества и заканите кон безбедноста на истите“, вели тој.