Кремљ денеска соопшти дека ја поздравува понудата на Ватикан да обезбеди преговарачка платформа за решавање на украинскиот конфликт, но дека позицијата на Киев го оневозможува тоа, пренесе Ројтерс.

„Се разбира, ја поздравуваме таквата политичка волја, но со оглед на де факто и де јуре ситуацијата што сега ја имаме на украинската страна, таквите платформи не можат да бидат барани“, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Папата Франциско пред 10 дена повтори дека Ватикан е подготвен да направи се што е можно за да посредува и да стави крај на конфликтот меѓу Русија и Украина, во интервју за италијанскиот дневен весник „Ла Стампа“.

Запрашан во интервјуто за дипломатските напори на Ватикан за постигнување прекин на огнот и мировни преговори, папата Франциско рече дека Светата столица постојано ја следи ситуацијата и „е подготвена да стори сé што е можно за да посредува и да стави крај на конфликтот“, додека продолжува да нуди хуманитарни олеснување на настраданите Украинци и поддршка на воените заробеници.

Папата рече дека не се откажал од надежта за траен мир и помирување меѓу Москва и Киев.

Сепак, тој истакна дека „сите мора да се обврзат да ги демилитаризираат своите срца, почнувајќи од своето, а потоа да го смират и разоружаат насилството“.