Успешноста на секој бизнис се темели на лојалноста на неговите клиенти. Редовните клиенти се оние кои активно ги користат услугите или производите на брендот, ги препорачуваат или со други зборови стануваат амбасадори кои го застапуваат брендот. Е-маил маркетингот е сеуште еден од најефикасните и наједноставните маркетинг стратегии каде секогаш има некоја компанија која се издвојува од толпата.

Како вашата компанија најдобро да го постигне тоа?
Една е-маил кампања за да биде ефективна треба да содржи неколку основни компоненти, а тоа се:

• издвојување посебни групи, сегментирани според однесувањето и карактеристиките на корисниците;
• избирање алатка за автоматизација како што се MailChimp или MailerLite;
• креирање временски план за конкретната кампања;
• примена на квалитетна содржина која ќе одговара на она што го нудите, а притоа ќе биде усогласено со продажната фаза во која во моментот се наоѓа клиентот;
• користење на соодветни метрики за следење на успехот на кампањата
• анализа на однесувањето на корисниците (користејќи повторно ангажирање)

Секогаш кога започнувате е-маил кампања избегнувајте вашиот е-маил да изгледа како спам. Примачот треба да има јасна претстава за тоа кои сте и што правите, притоа користејќи ги боите на брендот. Затоа добро би било е-маилот кој го испраќате да биде персонализиран и да ја инспирира личноста да преземе акција истакнувајќи ја вашата поента во насловот во само неколку зборови. (пр. истакнете ја итноста „Распродажбата завршува овој петок!“, поставете прашање „Сакате да ја зголемите продажбата?, „Сакате да научите како лесно да заработите?“). Испратете порака за добредојде во која ќе им дадете идеја за тоа што и колку често ќе споделувате. Понуда на нешто бесплатно при пораките за добредојде се од вистинска вредност затоа што ја подобрува стапката на кликнување (CTR).
Кога се изработува е-маил кампања, секако треба да се земаат предвид и да се почитуваат потребите на клиентите. Да се предвидат нивните точни потреби во даден момент е клучниот предизвик во секоја маркетинг стратегија. Е-маил кампањите и повикот за акција (CTA) треба да бидат разговорни колку што е можно повеќе и да водат до јасна цел, а притоа и секогаш експлицитни за истакнување на уникатната вредност што им ја нудите на вашите клиенти.

Можете да користите и автоматизирани одговори кои заштедуваат време и често се користат за разбирање на сегментацијата затоа што на секоја група можете да и понудите различни видови информации и услуги во различни периоди од неделата или месецот. Автоматизираните одговори користете ги за да создадете чувство на итност, при лансирање на нов производ/услуга, истакнување на некои производи на попуст и сл.

Има неколку вообичаени грешки кои се користат при е-маил кампањите кои треба да се потрудите да ги избегнете, како на пример користење случајни или нејасни теми кои немаат врска со производот/услугата која се нуди; користење на личното име на испраќачот и покрај тоа што претходно не е воспоставено како дел од брендот; испраќање еден ист е-маил до сите клиенти и сл.

На крај, податоците за сообраќајот од спроведената кампања ќе дадат чувство за однесувањето на клиентите и насоки како да се подобри секоја следна кампања. Основните метрики (CTR, open rate и unsubscribes) се тие кои ни даваат увид во тоа каде може да се подобри кампањата. Голем број на софтвери за е-маил маркетинг нудат можност за собирање на метриките на различни нивоа, што може да помогне подобро да се разберете што сакаат и што им треба на вашите клиенти. За таа цел, е-маил кампањите се клучен дел од процесот на истражување и основна стратегија за ангажирање на клиентите.


Јована Затаракоска
Специјалист за Дигитален Маркетинг – Маркет Висион Скопје