На почетокот на тековната 2021 година порталот банкарство.мк се обраќа до банките во Република Македонија со цел објавување на очекувањата на водечките банкари во нашата земја од аспект на предизвиците со кои ќе се соочат Банките во периодот што следи.

Банкарство ги пренесува ставовите и очекувањата на д-р Гордана Балтовска, член на Управниот Одбор на Стопанска банка а.д. Битола.


Банкарство: Дали може да направите кратка ретроспектива на изминатата 2020 година. Кои работи ја одбележаа годината, дали истата беше успешна за Вас и Вашата институција и кои поуки ги извлековте од изминатата 2020 година?

Д-р Гордана Балтовска: Годината што ја оставивме зад нас наметна низа предизвици со кои банките, останатите субјекти во економијата, креаторите на фискалната и монетарната политика се соочуваа, но истовремено ни ја покажа и флексибилноста на нашите капацитети и способност за трансформација во неверојатно кус временски период, на начин на кој не сме можеле ниту да замислиме. Дефинитивно изминататa 2020 година ќе биде запаметена по COVID-19 пандемијата која предизвика не само здравствена криза, туку можеби и најсилната глобална економска криза по големата депресија од 1929 година.

Во вакви услови на работење од суштинско значење е брзата реакција и респонзивност на кратки рокови за приспособување на активностите во работењето со цел останување на стратешката патека на долг рок. Ваквиот концепт настојувавме да го применуваме и во Стопанска банка а.д. Битола што согласно остварувањата даде завиден финансиски резултат. Притоа примарна цел од општествено одговорен аспект беше зачувување на здравјето и безбедноста на клиентите на Банката и вработените за што беа преземени сите неопходни мерки и препораки посочени од надлежните институции. Од оперативен аспект, максимално ги насочивме напорите кон наплата на нефункционални побарувања што придонесе за значително ослободување на исправка на вредност што директно се одрази врз добивката на Банката. Наплатата на нефункционални побарувања овозможи и пренасочување на средствата од некаматоносни во каматоносни позиции, односно во кредити на бонитетни клиенти согласно проценките за прифатливо ниво на ризик. Со тоа уште еднаш ја потврдивме и поддршката која ја даваме на стопанството и домаќинствата во услови кога е најпотребна, со што директно влијаевме и на поддршка на целокупната економска активност и повторно заживување на економијата по контракцијата предизвикана од пандемијата со COVID-19. Воедно, почитувајќи ги измените во регулативата на Народна банка на Р.С. Македонија таргетирани кон најпогодените субјекти од кризата, Банката овозможи и одложување на намирувањето на кредитните обврски на дел од клиентите кои се соочуваат со потешкотии произлезени од настанатата ситуација.

Во текот на 2020 година за жал бевме сведоци и на престанок на работењето на банка која беше дел од нашиот банкарски систем. Тоа повлече со себе бројни изјави и шпекулации кои оставаа простор да бидат погрешно протолкувани во јавноста, но сметаме дека овој случај го докажа токму спротивното – дека банкарскиот сектор е крајно стабилен и регулиран. Според официјалните информации на највисокото регулативно тело, Народната Банка на Р.С.М капиталот на банките е во одлична состојба, тој е дополнително зајакнат, а како гаранција за стабилноста на целиот систем е и тоа што ликвидноста со која располагаат банките, вклучително и Стопанска банка а.д. Битола е на високо ниво и покрај тоа што поради COVID-19 ситуација имаше непланирано, двократно одложување на наплатата на голем дел од кредитите.

Стопанска банка а.д. Битола во таа насока вложи маскимални напори да излезе целосно во пресрет на сите свои клиенти, на населението и правните субјекти кои на било каков начин беа погодени од COVID–19 ситуацијата.

Целото интервју со Балтовска на банкарство.мк