Премиерот Ковачевски денеска при посетата на Прилеп рече дека тој и неговата придружба, како што рече, едвај излегле од Скопје поради блокираната крстосница кај „Мавровка“ од приватните автобуски превозници.

Тој ја повика скопската градоначалничка Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ, кој има најголем број советници, да го решат проблемот што е можно побргу.


– Таква катастрофа што и се случуваше 11 години на Македонија, сега во моментов му се случува на Скопје. истото тоа се случува сега во Скопје. И затоа јас би им порачал власта што ја имаат во Скопје да земат да ја практицираат, затоа што од Скопје денеска едвај излеговме, бидејќи на протест се сите превозници. Во Скопје ветуваа бесплатен автобуски превоз, ветуваа фабрика за електрични автобуси, ветуваа „брда и долини“. Во моментов Скопје ниту има автобуски превоз, ниту има пречистителна станица за вода, ниту има какво било поместување на кој било капитален проект што им го остави минатата власт, рече Ковачевски при посетата на Тутунскиот комбинат.

Според премиерот, за нефункционалноста на превозот на ВМРО-ДПМНЕ не може да му биде изговор тоа што е скаран со Арсовска и поради тоа опозицијата да бара предвремени парламентарни избори.