Ковачевски вчера ги навреди Гир и ЕУ и предизвика скандал – пишува Горан Момироски

Насловната фотографија на оваа колумна не е снимена вчера туку минатата година, која извесно е, ќе биде прва и последна во која Ковачевски го примил годишниот извештај на Европската Комисија за напредокот на Македонија.

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски вчера предизвика дипломатски скандал, откако индиректно го навреди евроамбасадорот Дејвид Гир и прекина долга традиција во односите меѓу Македонија и ЕУ.

Ковачевски е првиот премиер на Македонија кој не го примил годишниот извештај на ЕУ за напредокот во евроинтеграциите.

Пред него тоа секоја година кога извештајот излегувал во истиот ден го сториле и Бучковски и Црвенковски, и Груевски и Димитриевски а потоа и Зоран Заев.

Само Ковачевски не најде време во негова наводна агенда да го прими евроамбасадорот Гир и да го прими извештајот од ЕУ.

Извештај во кој Ковачевски и неговата влада добија десет големи нули или единици, како сакате.

Ковачевски денеска е во Париз на некаква конференција на УНЕСКО но тој вчера беше во Скопје каде немаше време за протоколарна средба со евроамбасадорот на која ќе можеше да праша: Каде згрешивме?

Наместо на средба со Гир, Ковачевски замина на посета на Скопската пивара, важна фирма за македонската економија која можеше да ја посети било кога.

Тој избра да оди во пивара на денот кога требаше да биде храбар и да ги прими единиците од Брисел. Наместо доблест избра да биде кукавица и да избега од Гир кој му донесе сведителство според кое Ковачевски паднал на десет од 35 предмети и ќе мора да ја повторува годината.

Гир е искусен дипломат и нема да се жали јавно за навредата и дипломатскиот скандал кој го доживеа од Ковачевски.

Навредата за него е уште поголема ако се знае дека Ковачевски избегнувајќи го евроамбасадорот и извештајот вчера не отиде да посети место на некоја не дај боже трагедија, некој образовен или инфраструктурен проект туку фабрика за пиво каде може да замине и идната недела. И ако сака да испие цело буре од тага за најлошиот извештај досега.

Владата не објави зошто вчера немало средба на Ковачевски со Гир иако терминот за објавување на извештајот се знаел од пред околу еден месец и Ковачевски веќе имал начелна агенда за средба со евроамбасадорот.

Со откажувањето на средбата како Ковачевски на Гир да му порача: Мила ми е ЕУ но помило ми е пивото.

Фото: влада на РМ, ноември 2022 година