Ковачевски призна дека не контролира државни директори од СДСМ и ДУИ или нема безбедносен серификат

Премиерот Димитар Ковачевски јавно призна дека директори на јавни претпријатија кои кои ги контролираат СДСМ и ДУИ одбиле негово директно барање.

Во изјава за ТВ21 која ја објавува и владата на својот сајт Ковачевски признава дека не добива институционална почит од функционери кои се поставени од СДСМ и ДУИ кои одбиваат да му ги достават менаџерските договори за платите што ги добиваат.

Зад одбивањето на барањето на премиерот според познавачите на државната администрација има три можни сценарија.

„Во овој момент имаме членови на управни одбори што генерираат загуби, а коишто имаат поголеми плати од Претседателот на држава, од претседателот на Врховен суд и од претседателот на Владата. Јас како претседател на Владата побарав да ги достават менаџерските договори кои што ги имаат јавните претпријатија и добивме одговор дека тие биле строго доверливи менаџерски договори. Затоа на Комисија за економски систем на Владата доби задача да ги обезбеди овие договори со јасна задача: Во период до крајот на годината да се изработи закон за плати, со сите потребни консултации, во кои ќе се знае во јавниот сектор која е највисоката плата и потоа да бидат усогласени другите плати“, посочи премиерот Ковачевски во изјавата која биди дополнителни дилеми за односот кон човекот кој треба да има пристап кон сите најважни тајни во државата.

Едната причина која ја открива Ковачевски дека бил одбиен поради тајноста на менаџерските договори е речиси невозможна затоа што премиерот секојдневно има пристап до најголемите и најважни државни тајни, вели упатен во начинот на кој функционира владата во поглед на класифицираните документи.

Зошто Ковачевски користи владина комисија наместо веднаш да ги смени сите директори што одбиваат да го спроведат неговото барање можеби дава објаснување за другите две сценарија.

Доколку Ковачевски сака да ги добие документите може веднаш да даде наредба да му бидат доставени наместо да оди преку владина комисија, тврдат изворите на expres.mk во владата.

Тоа би било проблем само доколку тој нема безбедносен серификат што е второто сценарио што е скандалозно и повеќе од првото кое го призна и Ковачевски.

Доколку Ковачевски не ги минал безбедносните проверки тој не смее да има пристап до државните тајни што би било скандал од невидени размери.

Третото не помалку скандалозно сценарио е дека директорите на јавните претпријатија од кои најголем дел се поставени од Зоран Заев и Али Ахмети одбиваат да ја признаат институционалната моќ на Ковачевски и се надеваат дека додека се врати Заев ќе бидат заштитени од тајноста на договорите.

Ова сценарио зад признанието на Ковачевски е логично ако се има предвид во каква внатрепартиска војна влезе СДСМ особено по притворот на Мухамед Зекири кога според партиски извори дошло до кулминација на судирот меѓу фракциите под контрола на Ковачевски и Оливер Спасовски од една страна и на Зоран и Вице Заеви од друга страна.

Изворите на expres.mk во владините структури не исклучуваат дека е можна и комбинација од сите трите сценарија, менаџерските договори на директорите на јавните претпријатија да се класифицирани на некое ниво на државна тајна, Ковачевски да нема безбедносен сертификат за кој се чека и до една година а директорите да чувствуваат дека се одговорни само пред тие што ги поставиле а тоа се Заев и Ахмети.

Објавата на владата каде што признава дека тој нема контрола врз државните директори што ги именувале СДСМ и ДУИ.

https://vlada.mk/node/28692

Видеото на ТВ21 со изјавата на Ковачевски

https://www.facebook.com/tv21hd/videos/706684953998765/