Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи Бујар Османи и претседателот Пендаровски не знаат што да прават со екс шефот на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски кој сака да оди во Париз за амбасадор и веќе беше одобрен од владата но по скандалот Онишченко никој веќе ,,не го сака”.

Според дипломатски извори пред два дена на 24 Декември државниот врв требаше да одлучи да (не) го прати Виктор Димовски за Париз, откако една недела претходно од еден европски дипломатски центар им била испратена дискретна дипломатска порака дека “многумина во ЕУ би биле среќни доколку има друго амбасадорско решение за Париз”….


Но одлуката не е донесена затоа што владата не сака да влегува во судир со моќниот разузнавач кој 35 години е дел од безбедносните структури и 3 децении е во врвот на СДСМ.

Покрај проблемот со можната одмазда од Димовски кој ги знае сите нечисти тајни на оваа влада на СДСМ и ДУИ кои можат да почнат да истекуваат во јавноста, на Илинденска имаат и друг проблем.

Ако владата не го испрати Димовски во Париз за неговата улога во случајот со рускиот шпион Онишченко тогаш автоматски ќе мора да го смени и новиот шеф на Агенцијата за Национална безбедност Зарко Милошевски кој потпишал дека нема безбедносни пречки за човекот на Путин кому владата му даде македонски пасош.

Ситуацијата за Ковачевски, Пендаровски и Османи е комплицирана затоа што знаат дека ако се санкционира Димовски за прифаќање на руски шпион тогаш Милошевски не може да остане на чело на АНБ со истата одговорност.

Ако се реши да го испрати Димовски во Париз државниот врв тоа ќе биде досега невиден шпионско – дипломатски скандал во кој одговорен за легализација на руски шпион оди за амбасадор во водечка членка на НАТО и ЕУ.

Ако пак државниот врв реши да го пензионира Димовски тогаш ем ќе мора да го смени и Милошевски ем ќе живее во страв дека најстрашните тајни за Пендаровски, Ковачевски, ДУИ и владата ќе почнат да излегуваат во јавност.

Димовски е еден од најмоќните луѓе во државата поради информациите кои преку тајните служби и дипломатската мрежа ги има последниве 20 години.

Според негови колеги тој и покрај скандалот Онишченко за кој не чувствува лична одговорност нема никаква намера да се пензионира од политичко, дипломатско и безбедносно влијание.

Во исто време владата не може да тргува за негово мирно повлекување од амбасадорката позиција затоа што најголем дел од неговите блиски луѓе се веќе вработени или имаат силни функции во државниот апарат.