Предвремени избори нема да има, став за францускиот предлог ќе следи откако тој се усогласи меѓу сите земји членки на ЕУ, а владината коалиција е стабилна и работи во интерес на граѓаните, беа главните точки на кои говореше премиерот Димитар Ковачевски, по денешната средба со коалициските партнери во Владата.

Тој повтори дека не прифаќа уцени за распишување предвремени избори, за кои рече дека ќе се одржат во регуларниот термин, во 2024 година, а ја повика опозицијата да ја преиспита одлуката за блокади.

„Легитимно право на опозицијата е да ги користи сите демократски методи за политичка борба со власта, меѓутоа уцените за предвремени избори и обидите за блокада на законодавната власт ги оценуваме како неразумни и во најлош мошен тајминг и целосно против интересите на македонските граганите и државата“, рече премиерот.

Појасни дека Владата и понатаму ќе работи „како и досега“ во услови на блокада, истакнувајќи дека опозициската блокада, како што рече, трае веќе две години, уште од времето на корона кризата.

„Ова е единствена неодговорна позиција во цела Европа, којашто наместо да низ дијалог во Собранието и во собраниските комисии каде што е местото за носење и унапредување на законските решенија, направи повеќе за граѓаните, единствено што прави е блокирање на законите коишто се од интерес и на граганите и на компаниите“, истакна Ковачевски.

Запрашан за став за францускиот предлог, како можност за деблокирање на евроинтегративните процеси за земјава, тој истакна дека нашите најискусни дипломати во МНР прават анализи на овие документи, но одби да го коментира се додека не биде усогласен од сите 27 членки на ЕУ.