Прилично јасни се работите, нови условувања за Македонија на патот кон ЕУ не може да има, вели премиерот Димитар Ковачевски во интервју за МИА.

„Јасни беа и пораките од меѓународна заедница дека нема да има нови барања. Како пример, канцеларот Олаф Шолц за време на нашата заедничка средба, но и потоа јавно посочи дека за Германија нема никакви дилеми дека нови барања надвор од утврдената Преговарачка рамка не може да има. Да потсетам тоа беше децидно кажано и во Декларацијата на германскиот Бундестаг.


 Дека нема пречки за пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ и дека билатералните прашања нема да го одредат пристапниот процес на земјава кон членство во Унијата е и ставот на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Жозеп Борел.

Исто така, и Бугарија на повеќе наврати го потврди истото. Претседателот на Бугарија, Радев, потпретседателката Јотова, бугарското МНР, сите тие беа многу јасни во изјавите дека нема нови услови, очекувањата се дека ќе се исполнат договорените услови во преговарачката рамка“, вели Ковачевски во интервјуто.