Ковачевски не потврдува, но и не демантира дека ќе го наследи Заев

Шпекулациите дека кандидатот за наследник на Зоран Заев во Владата и во матичната партија е веќе одбран и дека тоа е заменик министерот за финасии Димитар Ковачевски, се засилија откако вчера тој присуствуваше на средбата Заев – Гаши.

За Фактор, Ковачевски не ги коментира гласините но вели дека ќе ги почитува одлуките на органите на партијата.

„Во овој период сите од Владата целосно сме посветени на обезбедување стабилна, извесна и европска иднина на земјата. Јас денес учествував во разговорите со Алтернатива токму со цел зголемување на мнозинството кое земјата ја носи напред. Во овој момент не сметам дека сум најважен јас, туку пред се иднината на земјата. Така размислува СДСМ, државата и граѓаните пред се. Ги почитувам одлуките на органите на партијата и нема да коментирам можности и веројатности се додека СДСМ не распише внатрепартиски избори.

Сите треба да имаме политичка и етичка почит кон претседателот Заев и кон одлучните и храбри чекори, кои заедно, сите граѓани, мораме да ги продолжиме на патот кон нашата подобра иднина“, изјави Димитар Ковачевски, за Фактор.