Одговарајќи на новинарско прашање дали ќе присуствува на отворањето на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград в недела, 30 октомври, премиерот Димитар Ковачевски само накусо кажа дека на денот на отворањето на клубот ќе биде во Скопје.
ОМО „Илинден“-Пирин кани на отворањето на македонскиот клуб „“Никола Вапцаров во Благоевград
„В недела јас ќе бидам во Скопје“, рече премиерот Ковачевски по промоцијата на нова инвестиција во ТИРЗ Скопје.
Ковачевски информира дека во Министерството за култура и во Владата веќе се подготвува документација за отворање македонски културен центар во Благоевград, а барањето, како што најави, ќе биде испратено до бугарската влада.
Премиерот ги повика сите граѓани кои имаат можност, особено граѓаните од Благоевград и на пограничните места да присуствуваат на отворањето на македонскиот културен клуб во Благоевград и им порача оти ваквите настани ги зближуваат граѓаните.
„Верувам дека отворањето на културни центри меѓу државите е начин на којшто се зближуваат како држави, како институции и како граѓани“, додаде Ковачевски.
