Ковачевски контра Пендаровски: Да, би го пуштил детето во студентски дом за да научи како живеат тие од другите градови

Премиерот Димитар Ковачевски му контрира на претседателот Стево Пендаровски, кој изјави дека не би го пуштил своето дете во студентски дом зошто му биле познати лошите услови таму.

„Дали јас би го пуштил моето дете во студентски дом? Да, би го пуштил детето во студентски дом, затоа што таму ќе научи како живеат децата од Македонија, кои секојдневно патуваат од други градови и се борат за својата иднина, да завршат факултет, да станат добри и достојни граѓани, а ја немаат привилегијата мама и тато да им готват трипати на ден топол оброк и за време на паузите да седат во топла соба“, изјави Ковачевски, одземајќи им го правото на тие што се од Скопје да зборуваат за студентските домови.

„Јас можам да зборувам за студирање во Скопје, бидејќи секое утро во 6 часот наутро со автобус доаѓав во Скопје. Предавањата и вежбите траеја до 8 навечер и во паузите, кога нема каде да одите, одев кај Горан Георгиев од Берово во ‘Кузман’, кај Игор Георгиев од Дојран, до кај Миле од Дојран исто така во ‘Кузман’, кај Рашо од Кавадарци во ‘Кузман’, кај Игор од Прилеп во ‘Гоце Делчев’, кај Горан во ‘Медицинар’, бидејќи кога имате три-четири часа слободно, а немате каде да одите и времето е вакво какво што е денес, тогаш одите во студентски дом. Така што, јас можам да зборувам“, му реплицира претседателот на Владата на претседателот на државата.