Премиерите на Македонија и Грција, Димитар Ковачевски и Кирјакос Мицотакис попладне ќе имаат средба во Минхен на маргините на Конференцијата за безбедност, што впрочем ќе биде и прва нивна средба, јави дописничката на МИА од Атина.
Од кабинетот на грчкиот премиер соопштија дека Мицотакис во текот на денешниот ден ќе оствари низа средби меѓу кои и со премиерите на Македонија и на Албанија, со претседателката на Косово, со вицепремиерот на Израел итн.
Ковачевски и Мицотакис, на 31 јануари имаа телефонскиот разговор, а според соопштенијата од нивните кабинети, двајцата премиери се согласиле дека односите меѓу двете земји се на одлично ниво и дека ќе продолжи да се гради и зајакнува партнерството, ја констатирале взаемната волја за зајакнување на билатерални односи и билатералната соработка, со акцент на економскиот и трговскиот сектор и се договориле да се сретнат на маргините на Делфи Форумот во Грција на почетокот на април.
Сепак, нивната прва билатерална средба, доаѓа речиси два месеца порано.
