Бугарскиот новинар и политичар Велизар Енчев, амбасадор на Бугарија во Хрватска од 1997 до 2002 година и експратеник, со недипломатски речник удри по амбасадорката на САД во Македонија, Анџела Агелер, заедно со премиерот Димитар Ковачевски.

Тој побара реакција од Министерството за надворешни работи во Софија за повикот од Ковачевски до Бугарија да ги почитува одлуките на Европскиот суд за човекови права во однос на бугарските граѓани што се самоопределуваат како Македонци, како и нота до Стејт департментот за интервјуто на Агелер за Македонската радиотелевизија.


„Ако сме нормална и суверена држава, новиот вршител на должноста министер за надворешни работи Иван Кондов е должен да го стори следново: да испрати нота до француското МНР и да побара итна интервенција пред македонистите во Скопје. Затоа што никој друг туку претседателот Макрон е гарант на нашиот европски договор со РС Македонија.

И додека ја чекаме ‘париската нота’ на службениот министер за надворешни работи, од Скопје стигна вест која бара бугарска нота и до Стејт департментот. Амбасадорката на САД во Република Северна Македонија, Анџела Агелер, во изјава за Македонската радиотелевизија ја обвини Бугарија дека ‘користи многу агресивен јазик против Скопје’.

Како вработен во Стејт департментот, директно потчинет на Белата куќа, американскиот амбасадор во РС Македонија го изразува официјалниот став на САД за бугарско-македонскиот конфликт. Со други зборови, амбасадорот Агелер ѝ го кажува на Бугарија она што американскиот амбасадор во Софија, Кенет Мертон, не се осмелува јавно да ни го каже.

Досега не слушнавме дека нашето МНР јавно реагирало или доверливо му наредило на бугарскиот амбасадор во Вашингтон да побара објаснување од Стејт департментот. Од секоја земја што се почитува себеси се бара да го стори тоа во рок од 24 часа. Но, знаејќи ја вазалната природа на нашата дипломатија, тоа нема да се случи во следните 240 часа. Затоа што нашиот вроден конформизам и страв од ‘Големиот брат’ ги отапија сетилата и совеста на нашата дипломатија.

И уште една навредлива изјава на Анџела Агелер е причина за реакција. Вели вака: ‘Голема среќа е што сум амбасадор на САД во Скопје, а не во Софија…“.

Двете откритија на амбасадорката Агелер се неурамнотежени и повеќе одговараат на адвокат отколку на дипломат. Истовремено, американскиот амбасадор во РС Македонија упатува на трета земја, што е вербално дејствие, недозволиво според Виенската конвенција и воопшто не е во нејзините овластувања“, коментира докторот по меѓународно право и по меѓународни односи.

„Ако нашата евроатлантска дипломатија ја наведнува главата кога македонскиот премиер и американскиот амбасадор во Скопје зборуваат на јазикот на Коминтерната, зарем САД и Европската унија не се политички коректни копии на Советскиот сојуз?“, недипломатски прашува во заклучокот ексамбасадорот и дописник на Бугарската национална телевизија (БНТ) во поранешна Југославија меѓу 1987 и 1993 година.