Ковачевски ги елиминираше Ахмети и Таравари од одлуката за кандидат за претседател

Премиерот Димитар Ковачевски ги елиминираше лидерите на ДУИ и Алијанса за Албанците, Али Ахмети и Арбен Таравари од одлуката за кандидат за претседател на владеачката коалиција.

Изјавата на Ковачевски дека СДСМ ќе го даде кандидатот за претседател без да каже дека е заеднички и да наведе дека е тоа актуелниот шеф на државата е навредлива и за ДУИ и АА, но и за Пендаровски кој се уште не знае дали ќе ја има поддршката од владината коалиција.

Изјавата на Ковачевски дека кандидатот сигурно ќе биде од СДСМ, а ќе биде поддржан од европската коалиција е сосема различна од изјавата на Бујар Османи од пред два месеци според која идниот кандидат на владата ќе биде заеднички а не на СДСМ како што најавува премиерот.

Османи претходно не ја исклучи можноста „Фронтот за Европа“ да настапи со заеднички кандидат на претседателските избори следната година.

„Тоа веќе го имавме на минатите избори. Актуелниот претседател е заеднички кандидат на СДСМ и на ДУИ, што е еден преседан којшто навистина многу држави го посакуваат, а тоа е двете најголеми етнички заедници да имаат заеднички кандидат за претседател. Ние можеме тоа да го потцениме, но тоа е навистина најголемото постигнување на едно мултиетничко општество и мислам дека тоа се покажа како добар пример и не исклучувам тоа да се повтори“, изјави тогаш Османи.

Ковачевски сега вели не се работи за заеднички кандидат, туку кандидат на СДСМ кој ќе биде поддржан од ДУИ и Алијансата.

,,За СДСМ, најголема политичка партија во државата, воопшто не е прашање дали изборите ќе бидат во месец мај или во месец јуни. Бидејќи ние секако ќе направиме коалиција која што сигурно ќе победи на изборите. Коалиција која што сигурно ќе ја формира новата влада, и претседателскиот кандидат кој што ќе биде предложен од СДСМ и поддржан од европската коалиција ќе биде победник на претседателските избори кои што ќе се одржат идната година. После изборите јас повторно но ќе бидам мандатар на владата и ќе бидам претседател на влада кој што ќе предводи влада која што ќе ја внеси државата во ЕУ”, рече Ковачевски во интервју за Канал 5.