Договараат сите детали околу предлозите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Димитар Ковачевски не ги известил само сопартијците туку и меѓународните партнери, дека наводно Мицкоски на лидерската средба се обврзал да учествува во процесот на носење одлуки за еворпската иднина на земјава. Иако опозицијата е децидна дека уставни измени под бугарски диктат нема да прифати, во СДСМ владее оптимизам дека евентуалната широка влада, не само што ќе го заврши процесот на уставни измени, туку и ќе отвори и затвори едно или две поглавја.
„Тој негов јавно искажан став и преземена обврска јас ја споделив не само со Централниот и Извршниот одбор на СДСМ, туку и со нашите меѓународни партнери коишто исто така ја следеа таа прес-конференција на која што сите барања што ги имаше ВМРО-ДПМНЕ беа практично прифатени од сите политички субјекти во државата“ – рече Ковачевски.
Опозицијата не го дели оптимизмот на премиерот околу идејата за работна група. Во ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека нема потреба од неа, доколку СДСМ не се одлучи за еден од предлозите, кои Мицкоски ги понуди на лидерската средба.
„Првиот предлог кој го даде претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски е: Преодна влада без ДУИ, излегување на ДУИ од сите ешалони и уставни измени кои би стапиле на сила само на денот на членството на Македонија во ЕУ. Вториот предлог што го даде ВМРО-ДПМНЕ е предвремени избори оваа есен, при што дадени се три датуми за кои што СДС би требало да размислат кога би се одржале во септември или октомври, потоа да се обезбедат гаранции од европските институции за заштита на националните интереси на Македонија“ – рече Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.