Ковачевски: Бугарската такса за руски гас е нелегална

Таксата за транспорт на руски гас низ Бугарија во износ од повеќе од 10 евра за мегават час е нелегална, изјави македонскиот премиер Димитар Ковачевски и додаде дека „како држава ќе ги искористиме сите правни можности за отстранување на овој данок“.

Во средината на октомври Бугарија воведе дополнителни даноци за увоз и транспорт на руски гас во износ од 20 бугарски лева (околу 10 евра) за мегават/час како дел од рестриктивните мерки против Русија поради инвазијата на Украина.

Ковачевски вели дека Македонија има дополнителен проблем со воведувањето на оваа такса, а тоа е што целиот капацитет на гасот и интерконекторот во Жидилово на границата со Бугарија, кој е единствен што во моментов Македонија го има, е даден во стопроцентен закуп на Гаспром од страна на Бугарија.

„Минатата година успеавме да го зголемиме капацитетот на тој гасовод и да обезбедиме снабдување со гас и од други извори, а не руски. Набавувавме гас од Азербејџан, од САД, а тоа барање го имаме и оваа година тој капацитет да се ослободи за да набавуваме и од други извори на гас покрај рускиот“, рече Ковачевски, пренесува МКД.МК.

Министерствата за надворешни работи на Македонија, Србија и Унгарија поднеле приговори до Брисел за наметнатиот данок на Бугарија за рускиот гас.

За нив ова е „непријателски потег“ и кршење на европските регулативи.

Унгарија бара од ЕУ да преземе мерки против бугарскиот транзитен данок на рускиот гас.

Унгарскиот шеф на дипломатијата, Петер Сијарто рече дека никој нема право да го доведува во прашање снабдувањето со енергија на една земја, а Бугарија воведе данок за транзит на руски гас без претходна најава, со што ја загрозува безбедноста на снабдувањето на Северна Македонија, Србија и Унгарија.

И премиерката на Србија Ана Брнабиќ вели дека очекува поддршка од ЕУ и разбирање од Бугарија.

„На ова ќе работиме заедно и со Северна Македонија и со Унгарија“, рече Брнабиќ.