Иако токму неговата партија ја преименува македонската држава, лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, од трибината „Силно и одлучно кон иднината“ во Скопје порача дека македонското име „никој повеќе, ама баш никој, нема и не смее да го оспорува“?!
„Велев и велам, па зарем со документи, со изјави, со пресови или настапи на маргинални еднократни политиканти, мислиме дека некој може да загрози нешто што е создавано со векови? И јас знам дека нема да биде лесно на тој пат. Ќе има потешкотии на тој пат, болни реформи, тешки одлуки. Но на крајот на секој тежок пат е големата награда, а големата награда е полноправно членство во ЕУ на нашата држава. Седнати на големата маса, заедно со сите земји членки на ЕУ, рамноправни во големото европско семејство“, рече Ковачевски.
„И затоа сега, пред Вас, како што тоа го правев и со германскиот канцелар Шолц, со францускиот претседател Макрон, со претседателката Фон дер Лејен, со сите мои европски и евро-атлантски колеги, ќе повторам! Македонскиот јазик, историја и традиција се загарантирани и сигурни! Тие се нашиот темел на европската куќа, но и темел во европската куќа. Како дел од историјата и традицијата на Европа. Бидете сигурни, бидете спокојни и бидете горди! Mакедонскиот јазик, македонското име, се конечно обезбедени и никој повеќе, ама баш никој, нема и не смее да ги оспорува“, порача наследникот на Зоран Заев.