Ковачев: Јасно е што треба да исполни Македонија ако сака во ЕУ

„…Бугарската позиција е јасна, јасно се напишани условите што мора да се исполнат за Бугарија да продолжи да ја поддржува Македонија во пристапниот процес (усвојувањето на рамката за преговори, решенијата за отворање и затворање на секое од 35-те поглавја на преговорите…), па сѐ до конечното ратификување на идниот договор за членство на Македонија во ЕУ од бугарскиот парламент.

Не е случајно тоа што во заклучоците на Советот на Европа од 24 март се наведува дека добрососедските односи и исполнувањето на договорите со Бугарија и Грција се критериум за следење на текот на преговорите за членство“.

Ова го вели бугарскиот европратеник Андреј Ковачев во денешното интервју за МКД.МК. околу дилемите и различните толкувања дали Изјавата на Бугарија е услов што мора да се исполни на патот на земјава кон ЕУ.
„Ова не е нешто ново за вас. Бугарија отсекогаш имала многу јасна и отворена позиција од основањето на Република Македонија, од осамостојувањето во 1990 година, па сè до сега. Нашиот став е дека ние мора да се обединиме во едно објективно читање на историјата базирано на вистината“, вели европратеникот.

На прашањети на МКД.Мк дали кога вели „македонски Бугари“ ова значи дека смета дека не постојат Македонци, туку само Бугари што живеат во државата Македонија?

„Не. Напротив. Ние сме браќа. Вие сте Македонец. Во Македонија живеат Македонци и го зборуваат македонскиот јазик. Тоа е реалноста. Тоа е современата реалност за која ви зборувам. Не можам и немам право да го спорам тоа што вие се чувствувате како Македонец.

Но, во ЕУ ќе може да влезете само откако ќе ги решиме сите историски отворени прашања. Нема што да спориме за тоа кој бил Гоце Делчев, Даме Груев, Христо Татарчев… Вашиот современ македонски идентитет лежи на бугарската национална историја. Тоа мора да се реши. За тоа нема никакви дилеми меѓу бугарските политички партии, во бугарското општество воопшто.

Затоа е многу битно заедничката експертска комисија што е можно побрзо да си ја заврши работата“, вели Андреј ковачев во интервјуто за МКД.МК.