Професорката Наташа Котлар од Институтот за национална историја се противи на заедничко чествување на Свети Климент Охридски од Македонија и од Бугарија.
„На заедничката прес-конференција на министрите за надворешни работи на Бугарија и на Северна, одржана во рамките на бизнис форумот ‘До една милијарда и понатаму’ во Скопје (прости им Свети Клименте што те спомнуваат баш таму), е посочено дека ‘заслугата за ова заедничко чествување на св. Климент е на македонско-бугарската историска комисија’. Во оваа смисла е и работата на северната група преговарачи, онаа форсирана комисија, која, по сите стандарди на научната и на образовната работа, е нелегитимна и нелегална! Онаа политичко-партискофилска комисија и финансиски мотивирана (од народни пари), што го бугаризира македонскиот Среден век – Кирил и Методиј, охридските Климент и Наум, Самоил, без да го одбрани со научни аргументи, а го дознавме тоа пред четири месеци?
Дејствијата на оваа политички поставена комисија на преговарачи се директно против колективната меморија на македонскиот народ и на целокупната македонска академска историографија, која има суверено право научно да ја проучува националната историја. Но, за споменативе северни – министер и комисисти – народот смислил една мудрост: ‘Насилникот ќе пропадне поради силата и вообразеноста, лакомиот поради парите, а покорните ќе пропаднат служејќи им!
Во однос на најавеното ‘за прв пат’ заедничко чествување, накратко ќе истакнам дека за нас Македонците, СВ. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ е значаен светителски и народен заштитник, духовна и историска личност, значајна за македонскиот духовен и културно-историски идентитет! Неговата мисија на македонска почва, особено изразена преку Охридската книжевна школа и глаголичното писмо, резултирала со силна културна и духовна мобилизација на македонското население. Културното соперништво помеѓу Охрид и Преслав мошне илустративно е прикажано во делото на анонимниот автор Црноризец Храбар, „За буквите“, каде што во исклучително остар полемичен тон се истапува во одбрана на глаголицата во Македонија како изворна кирилометодиевска традиција.
Климентовата дејност поттикнала тенденции за независна политичка, религиска и културна репрезентација на пошироките интереси во рамките на Македонија, како обединувачки етнички и географски именител. Затоа ние Македонците, за разлика од северната власт, го чествуваме СВ. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ, самостојно, ненаметливо и достоинствено! Нека е за многу години!“, реагира Котлар на Фејсбук.