Професорката Наташа Котлар од Институтот за национална историја преку весникот „Нова Македонија“ му се обрати на министерот за надворешни работи Бујар Османи во својство на претседавач со ОБСЕ годинава.
„Македонија, како претседавач со ОБСЕ во оваа 2023 година, може да го издигне на ниво на принципите на оваа организација проблемот со нерамноправниот однос што ѝ е наметнат со Договорот за добрососедство со Бугарија, кој се провлекува понатаму како бугарски аргумент за непринципиелно условување со уставни измени на македонските евроинтеграции. Договорот за добрососедство е целосно асиметричен на штета на Македонија и ѝ овозможува на Бугарија да ги погазува принципите на ОБСЕ, кои дури и се наведени во преамбулата на овој договор. Македонскиот министер за надворешни работи Османи, како претседавач со ОБСЕ, треба да иницира почитување на принципите на оваа организација од Бугарија во однос на Македонија наместо да инсистира на уставни измени. Уставните измени воопшто не се од техничка природа, како што се настојува да бидат претставени со францускиот предлог, туку имаат суштинско значење за националното дефинирање на Македонија како држава. Еден асиметричен билатерален договор не смее да биде основа дури ни за технички уставни измени што треба да ги спроведе нерамноправната, подредената страна. Македонија не смее да биде политичка терапија за бугарските европски комплекси“, вели Котлар во написот насловен „Зарем бугарската држава не заслужува да добие една демократска влада?!“.