„Многу сум среќен што ќе ја посетам мојата сакана Македонија оваа есен и што ќе свирам на концерт во еден од моите омилени градови, Битола. Чувствувам неизмерна чест што традиционалниот фестивал Интерфест Битола ме покани мене, кој не сум роден во Македонија, да пеам македонски песни како и оперски арии. Едвај чекам да ја споделам љубовта кон Македонија со вас преку песните.“ – изјави за „Експрес“ претседателот на Токиската опера и оперски пејач Казухиро Котетсу, едновремено и голем вљубеник во Македонија, во нејзината песна и култура, откако на фејсбук и твитер го најави своето учество на годинашниов 32-ри Меѓународен фестивал на класична музика „Интерфест – Битола“ на 11 октомври во Битола.
Овој страстен претставувач на македонската песна исполнува во оперска верзија десеттици македонски народни, патриотски и љубовни песни, донесувајќи ги на својот канал на јутуб.
Во изјавата за „Експрес“ Котетсу укажува: Случајно пред десет години првпат ја отпеав македонската песна „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“ во Скопје и во Битола. После тоа се зголемија моите македонски пријатели. Станав близок со македонската природа и култура, ја засакав Македонија. Сега ја сакам Македонија исто колку што ја сакам мојата татковина Јапонија.
Чувствата на македонските песни се изненадувачки слични како чувствата на песните во Јапонија. Понекогаш ми е тешко да пеам со моите чувства под контрола. Седумте отчукувања не ми беа ритам близок за мене и навистина бев збунет на почетокот. Но овие денови ритмот на тоа отчукување веќе наликува како многу природен за мене.
Изведбата на македонската песна „Македонско девојче“ на Казухиро Котетсу на јутуб: