Котецу во македонска носија промовира песни и вина од Македонија

Јапонскиот оперски пејач и голем вљубеник во Македонија, Казухиро Котецу, неуморно продолжува да промовира македонски песни и вина во земјата на изгрејсонцето.

„Претставување македонски песни и вино во Мацујама. Монументален успех!“, објави на Твитер претседателот на Токиската опера и најголем Македонец меѓу Јапонците.

Пред своите сонародници популарниот Коце настапи со македонска носија што ја донесе од неодамнешниот престој во Битола, каде што учествуваше на Меѓународниот фестивал на камерна музика „Интерфест“ и ја одушеви публиката со изведбата на безвременската „Ако умрам ил’ загинам“ на бардот на македонската патриотска песна и негов омилен пејач од Македонија, Јонче Христовски.