Костовски не излегува од Македонија за властите да не помислат дека бега

Бизнисменот и сопственик на Еуростандард банката во стечај открива дека цели две години не излегува од земјава за властите не помислат дека сака да избега.

Во својата најнова колумна Трифун Костовски поставува прашање и сомнеж за чесните намери на техничката влада предводена од Оливер Спасовски и гувернерката на Народната банка Анита Бежовска кон затворената банка.

Целата колумна во продолжение:

ДО КОГА?

Повторно ќе се навратам на темата поврзана со неразумниот стечај на Еуростандард банка, иако сум убеден дека Вас граѓаните, секојдневно ве бомбардираат политичките партии во предвечерието на локалните избори предвидени кон крајот на октомври, оваа година, а сигурен сум и дека ве мачат безброј егзистенцијални проблеми, животни незивесности.

Во изминативе 13 месеци од носењето на банката во стечај, институциите на системот за гонење на сторителите на овој злостор, до денес немаат ниту еден обвинет или пак осомничен, што во основа представува голем срам како за државата, а уште повеќе за оштетените правни и физички лица и акционерите на бившата Еуростандард банка.

Нетранспарентното водење на стечајната постапка, во поглед на собирањето на средства на сметка на ЕСБ во стечај со која сума треба да се подмират побарувањата на правните и физички лица, оштетени од стечајот на ЕС банка, е врв на едно ретроградно општество кое ни го пласира актуелната власт.

Прашувам отворено, која е улогата на актуелната власт во носењето во стечај на ЕСБ? Евидентна е нивната замешаност, токму преку уредбите на Техничката Влада предводена од Оливер Спасовски, актуелен Министер за Внатрешни работи во Владата на СДСМ и Заев.

Уредбите донесени од оваа Техничка Влада кои се однесуваа за покренување на стечај на правни лица во РМ се контрадикторни. Поради пандемијата Ковид-19 се воведе вонредна состојба во државата која траеше цели 97 дена. Со цел Техничката Влада да помогне на правните лица во стопанството воведе низа мерки кои го ограничија работењето на правните лица.

Една од мерките на Техничката Влада беше забрана на присилна наплата на доспеани побарувања. Ваквата мерка за забрана на присилна наплата беше од витално значење за ЕС банка, бидејќи со одземена лиценца за работа со правни и физички лица на ЕСБ и беше одземено правото полни 97 дена да не врши принудна наплата.

Со првата уредба со сила на закон, објавена во Службен весник на 24 март 2020 година, беше утврдено дека НЕМА НОСЕЊЕ ВО СТЕЧАЈ НА НИЕДНО ПРАВНО ЛИЦЕ МИНИМУМ 3 МЕСЕЦИ ПОСЛЕ ЗАВРШУВАЊЕТО НА ВОНРЕДНАТА СОСТОЈБА. Со исто таква уредба, објавена во Службен весник на 29 мај 2020 година, се поништува предходната уредба и дава сигнал дека стечај може да се направи веднаш. Единствен правен субјект кој што отиде во стечај беше ЕС банка.

Дали постои сомнеж во чесните намери на Техничката Влада кон Еуростандард банка, нејзините коминтенти правни и физички лица и нас акционерите? Одлуката за носењето во стечај на Еуростандард банка, Госпоѓата Бежоска, гувернер на Народна банка ја донесе во вакуум период кога немаше формирано ниту Собрание, ниту Влада, а СДСМ и нивните коалициони партнери беа во фаза на формирање на Влада.

Две години не сум излегол од Македонија со цел да не дадам никаков повод за сомнеж дека сум можел да помислам да побегнам. Јас сум тука! Се чувствувам одговорен пред штедачите и пред своето семејство и сакам и понатака да ги штитам интересите на оштетените страни. Институциите на системот мора да ги извадат виновниците за овој стечај пред очите на јавноста.

Ги охрабрувам да не се плашат, бидејќи е можно внатре да се најдат многу лица од јавниот живот кои посегнале да се офајдат од овој стечај. Молкот е знак на вина, ама вината мора да се докаже и токму тука полицијата, обвинителството и судството мора да си ја завршат својата профисионална обврска.

Пред Бога и пред законот сите сме еднакви. Секој од нас треба да си ја понесе одговорност за стореното.

Последна најчитана вест

Нов срам за македонската влада и дипломатија

Уапсен македонски дипломат на висока позиција во мисија во членка на ЕУ