Костадин Костадинов, лидер на партијата Преродба и пратеник во бугарското Собрание, пред парламентарните избори в недела се осврна и на својата омилена тема Македонија.
„Бугарија има многу можна геополитичка перспектива во следните неколку децении за обединување со другата бугарска држава Македонија! Ова сме го кажале многу пати“, изјави тој за Радио К2, додавајќи дека во Бугарија нема антимакедонски говор, бидејќи никој не гледа на Македонија како на закана.
„Затоа и нема расположение за отцепување, нема македонско малцинство. Има неколку стотици луѓе, главно пензионери, кои биле под влијание на старата српска пропаганда пред 1989 година. Но, во Македонија не е така. Таму, според различни податоци, вклучително и нашите, вклучително и податоците од меѓународните организации, околу 40 проценти од населението има позитивни чувства кон Бугарија“, додаде Костадинов.
„Кај голем дел од локалното население во Македонија има чувства кои се во прилог на Бугарија. Да ги немаше пробугарските чувства во Македонија, немаше да има ниту антибугарска хистерија! Во моментов, македонската држава бара Бугарија да го признае македонското малцинство. Паралелно се прават провокации, се отвори таканаречен клуб на Македонците во Благоевград. Дали сте виделе некоја антимакедонска хистерија во бугарското општество? Дали сте виделе бугарски влади да водат антимакедонска кампања? Дали сте виделе антимакедонски говор од бугарските политички партии? Постојано изјавуваме една едноставна работа – сакаме нашите сонародници во Македонија да ги имаат правата што им се загарантирани со устав, меѓународни договори и правни норми. Откако гледаме закана од македонската држава, никој кај нас не дозволи антимакедонска реторика. Никогаш! Ја сакаме Македонија, Македонија е дел од Бугарија, дел од нашата култура и историја! Таа е крвен дел од нашиот народ“, порача некогашниот член на ВМРО-БНД, од кој излезе во 2014 година и ја формира четвртата партија по бројност во последниот состав на бугарскиот парламент со 27 пратеници од вкупно 240.