Двете најголеми опозициски парти на Косово, Демократска партија на Косово и Демократска лига на Косово, упатија критики кон премиерот на Косово Албин Курти за кој велат дека прифатил сè што ветил дека нема да прифати на вчерашната средба со спрскиот претседател Александар Вучиќ, пренесе 360 степени.
По состанокот Вучиќ – Курти што траеше повеќе од 10 часови, високиот претставник на Европската Унија за надворешни работи и безбедност Жозеп Борел соопшти дека Србија и Косово се согласиле за анексот за имплементација, кој заедно со Договорот, ќе биде дел од европскиот пат на двете страни.
Средба во Охрид: Вучиќ вели дека ништо не потпишал, Курти потврди
Претседателот на Демократска партија на Косово Мемли Красниќи оцени дека Курти за помалку од три недели прифатил сè што ветил дека нема да прифати во текот на својот политички живот.
„Но, надвор од неговите измами, наша грижа останува Косово, нашите граѓани и идните генерации, кои, за жал, освен што ја изгубија вербата во перспективата што ја нуди Косово, ќе го наследат и замрзнатиот конфликт со Србија во годините што доаѓаат. И тоа е директна последица на грешките на Албин Курти кој преговараше и го овозможи овој договор кој е недоволен за Косово и кој не ги остварува нашите државни и граѓански цели“, напиша Красниќи на Твитер.
Според него, договор без меѓусебно признавање, фокусиран на напредно здружување и политичка автономија на српската заедница и без гаранции за евроатлантските интеграции на Косово, е голем политички и национален неуспех, „кој сите ќе го плаќаме скапо и долго време“.
И претседателот на Демократска лига на Косово, Лумир Абдиџику, преку објава на Фејсбук рече дека епилогот на премиерот Албин Курти во дијалогот е измама и губење на историска шанса.„Освен тоа, договор без признавање, не конечен и со плус асоцијација во него е она што Курти денеска го донесе на Косово. Оваа нова ситуација, трансформирана како интеграциска обврска за нашата земја, е непоправлива“, напиша Абдиџику кој смета дека поставените услови на Курти, одржаните говори, дадените ставови, едноставно биле поништени.
