Зоран Иванов
Универзитетски професор и екс директор на Агенцијата за разузнавање

Вo изминатата 2022, тензиите на Косово доминираат на безбедносната и политичката сцена. Иако во новата 2023 тензиите навидум се смируваат, се чини дека се далеку од нормализирани.

Иако новата 2023 година започна со инцидент на Југот на Косово, каде беа ранети две деца, ескалација на тензиите на Косово во директен конфликт помеѓу Србија и Косово е помалку веројатен бидејќи влогот е многу висок за сите инволвирани актери, особено за Европската Унија (ЕУ) и Соединетите Американски Држави (САД).
Секако дека директен конфликт не може да го исклучиме комплетно, бидејќи постојат два критични аспекти кои не одат во прилог на аргументот дека нов конфликт помеѓу Србија и Косово е неизбежен. Прво ЕУ, САД и НАТО нема да ја загрозат својата најголема мировна мисија од 1999 година на Советот за Безбедност на Обединетите Нации (Резолуција 1244). Денес НАТО потребно е да се фокусира на можна конфронтација помеѓу големите сили, наспроти конфликт во својот двор. Второ, Србија и Косово немаат доволно капацитет за водење војна или едноставно кажано не може да си дозволат. Приштина се бори со политичка нестабилност и разединетост ниту пак има изградено компетитивни вооружени сили во однос на Србија. За Србија би било дипломатско самоубиство и економски колапс доколку иницира директен конфликт.

Меѓународни фактори и актери
Секоја ескалација помеѓу Србија и Косово која ќе го наруши мирот во регионот ќе биде штета на кредибилитетот и идеологијата која ја застапуваат ЕУ и САД. Тоа е од причина што војната во Украина има многу поголемо значење во борбата на перцепции и натпреварот помеѓу големите сили. Затоа, ниту ЕУ и САД ниту пак Русија ќе се дефокусираат со нов конфликт на Косово бидејќи немаат директна стратешка предност во глобалниот конфликт кој се води на бојното поле во Украина, во сајбер доменот и најновиот домен на војувањето, когнитивен домен. Когнитивниот домен на војувањето ќе го објасниме подетално во некоја наредна анализа.
Почнувајќи од 1999 година Косово е предмет на конфликт на перцепции за улогата и местото на САД и Русија во светскиот поредок. По неуспешните преговори со Милошевиќ за прекин на огнот во Косово и запирање на НАТО бомбардирањето, САД со помош на Русија обезбедува Србија да ги прифати условите. На тоа Русија праќа свои мировни сили, каде сметаат дека имаат иста улога и важност како НАТО. Но, притисокот на САД и НАТО ги присилуваат Руските сили да го напуштат Косово. Оттука почнува да се зголемува јазот на перцепција за својата позиција во светскиот поредок помеѓу Русија и САД. Затоа денес, Русија го користи Косово како оправдување за своите воени активности во Украина. Во исто време, ЕУ и САД ја покажаа својата одлучност кон спротивставување на Рускиот наратив како и одвраќање од понатамошно уништување на Украина.
Во моментов како што стојат работите, без разлика колку и да ги идеализираме или осудуваме големите сили, сведоци сме на замрзнат конфликт кој може да го наруши мирот на Балканот додека трепнеме.

Регионални фактори и актери
На регионално ниво, ниту Србија ниту Косово ќе имаат бенефит од нов конфликт, ниту пак имаат доволен капацитет за водење на војна.
На Косово му недостасува државна моќ за се спротивстави на било кој тип и интензитет на конфликт со Србија. Дополнително, Косово нема луксуз да иницира конфликт бидејќи директно ќе ја наруши довербата и вложувањата на ЕУ и САД за да бидат држава.
Косово зазема политика на реципроцитет во однос на Србија наспроти политиката на ЕУ и САД која промовира нормализација на односите. Ова е основа за внатре политичката разединетост помеѓу сегашниот Премиер Албин Курти и опозицијата предводена од поранешниот Премиер Рамуш Харадинај. Тој го обвинува Курти, за раскинување на односите со САД и преземање на унитарни активности без одобрување од САД. Оваа политичка промена резултира со одлука за промена на табличките на возилата од Северно Косово која е причина за тензиите и можна ескалација. Основна разлика во политиката на нормализација и реципроцитет е успешноста. Евидентно е дека политиката на реципроцитет е одраз на политичка незрелост бидејќи се занемаруваат фактичката реалност дека Косово нема изграден воен капацитет и не се почитуваат напорите на ЕУ и САД за мирно разрешување на спорот.
На страната на Србија, иницирање на конфликт би било дипломатско самоубиство и економски колапс. Доколку ова е случај, најверојатно ЕУ и САД ќе стават санкции на Србија. Тоа би било дипломатско самоубиство бидејќи Србија веќе ги искуси санкциите на ЕУ и САД за време на Милошевиќ. Санкции и изолација од Западот ќе биде девастирачко за српските напори по веќе изградените поволни услови за економски раст и странски инвестиции – СДИ. Покрај подемот на евроскептицизмот, ЕУ членството за Србија е на нивната агенда од 2009 година, каде во 2012 добија статус на кандидат. Во таа насока, во 2020 година добија 2.9 билиони долари од ЕУ како развојна поддршка за пристапните преговори. Во исто време, Србија ги развива капацитетите за привлекување на странски инвестиции. Во 2017 започнаа со $2.89 билиони, за да во 2020 имаат раст од $4.27 билиони во СДИ. Затоа е малку веројатно е да се очекува дека Србија ќе иницира агресија на Косово со која ќе ја уништат постигнатата позитивна економска траекторија.

Може ли Русија да се инволвира?
Во тековниот натпревар помеѓу големите сили, секако дека Русија би била многу среќна да види нов конфликт на Европско тло со кој ЕУ би била дефокусирана и ослабена. Сепак, за Русија би било стратешко растегнување доколку ја поддржи Србија, за што нема да постигне никаква стратешка предност во конфликтот во Украина. Дополнително, Русија никогаш не дала директна воена поддршка на ниту една земја која не е на нејзината граница и/или сфера на директно влијание. Затоа, можно е да се очекува дека Русија може да даде само информациска и дезинформациска поддршка.
Србија и Русија се традиционални партнери. Србија е единстваната земја на Европско тло со која Русија успеала да имаат заеднички воени вежби во 2021. По Руската инвазија на Украина, Србија одбива се приклучи на Европските санкциите кон Русија. Оваа меѓусебна поддршка ги отвара вратите за дел од експертите да тврдат дека најлошо сценарио за Косово е координирана активност помеѓу Србија и Русија.
Украинската инвазија предизвика лавина на предизвици за Руското општество. Од воен аспект, на теренот се соочија со одлучност и жилавост на Украинската војска која е активно поддржана од Западот. Економски, санкциите ги предизвикуваат сите нивоа на водење на бизнис, развој и економска одржливост кои на среден и долг рок сериозно ќе ја намалат Руската економска глобална компетитивност. На идеолошко ниво, за кое сметаме дека за Русија е најважно, влегоа во борба на перцепции со Западот за местото и улогата на големите сили во светскиот поредок. Руската воена агресија врз Украина, не оди во пролог во поддршка на Руската позиција, ниту пак остава впечаток на сигурен партнер за преговори. Едноставно, агресија е погрешна алатка доколку Русија сака да ја промени сегашната позиција во светскиот поредок.

Сепак, натпреварот помеѓу големите сили резултира со хаос на регионално ниво каде секоја држава се бори за повеќе моќ, повеќе контрола преку ширење национализам, поларизација на општеството и манипулација со информациите. Статусот на Косово порано или подоцна ќе биде решен. За сега, само може да се надеваме дека српските и косовските политичари ќе научат многу важна лекција дека државата може да се најде во тотална деструкција како резултат на борбата помеѓу големите сили како и загубата на недолжни човечки животи.

Повеќе од авторот

Анализа: Геополитиката е бесконечна игра – пишува Зоран Иванов