Косово сака во Советот на Европа, Вучиќ вели клучни западни земји стојат зад тоа

Владата на Косово го направи првиот чекор кон аплицирање за зачленување на државата во Советот на Европа, усвојувајќи ја иницијативата за членство во оваа меѓународна организација, јави дописникот на МИА од Приштина.

Како што соопшти владината служба за информирање, со денешната одлука се наложува на Министерството за надворешни работи и дијаспора да ги спроведе сите процедури за зачленување согласно легислативата што е во сила“.

Во СЕ членуваат 46 држави и за прием на нова членка потребни се гласовите не две третини од нив. Како што јавуваат медиумите во Приштина, надежите на косовските власти за прием во организацијата пораснаа по исклучувањето на Русија од неа.

СЕ е меѓународна организација за човекови права, демократија и владеење на правото, со седиште во Стразбур, Франција.

Српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека со ова Приштина прекршила уште еден договор – Вашингтонскиот договор.

„Брутално го згазија, не се грижат за ништо. После 10 години газење на бриселскиот договор, сега го згазија и договорот од Вашингтон и никогаш не се почитува резолуцијата 1244 (Совет за безбедност на ОН). – рече Вучиќ.

Наше е да не западнеме во омраза, туку да дадеме силен одговор, и соодветно закажав седница на Советот за национална безбедност“, рече тој.

Тој додаде дека Србија во наредните денови ќе покаже дека може да се бори.

„Јасно ви е дека клучните западни земји ја водат оваа игра, ние сме мала слободарска земја која го брани својот суверенитет, ќе се обидеме да им се спротивставиме на мирен и дипломатски начин“, рече тој, додавајќи дека животот е борба и не повлекување и предавање.пред уцени и ултиматуми.

Како што рече, Приштина има 67 до 70 отсто поддршка во Советот на Европа, доколку гласаат за членство.

Тој изјави дека Приштина нема да застане само на барањето за членство во Советот на Европа.

„Косово доби поддршка од САД за влез во Партнерството за мир, сето тоа не им вреди премногу ако не добијат зелено светло од Србија. Со ова покажаа сите оние кои ни зборуваа за почитување на меѓународното прав дека не почитуваат никакви вредности и принципи“, вели Вучиќ.