Косово на пат да добие своја војска!

Косовската влада усвои предлог-закон за трансформација на Косовските безбедносни сили во војска на Косово и истиот го достави до Собранието на усвојување.

Премиер Рамуш Харадинај изјави дека владата  има надлежност да го донесе овој закон, но додаде дека продолжуваат консултациите со меѓународната заедница, која досега инсистираше на тоа дека трансформацијата на КСБ во армијата мора да се направи преку уставни измени.

Харадинај рече дека Косово чека 20 години за својата војска и дека сега е време за тоа.

Претходно претседателот на Косово, Хашим Тачи, изјави дека не е запознаен со плановите на владата да донесе закон за трансформација на КСБ во армија и рече дека е одбран погрешен ден за тоа, бидејќи Европскиот парламент токму денеска гласаше за визна либерализација за граѓаните на Косово. Тачи за новинарите изјави дека едностраната акција, без согласност на НАТО и САД, негативно ги комплицира односите на Косово со своите партнери.

Но Харадинај смета дека „идеален момент никогаш не постоел. Косово, по 20 години го спроведува своето право“.