Косово им нуди на САД да отворат постојана воена база

Косово им даде можност на Соединетите Американски Држави да отворат постојана воена база.

Предлогот, во името на косовската Влада, го изнесе министерот за одбрана Арменд Мехај на средбата во Пентагон со американскиот потсекретар за одбрана Колин Кал.

Според соопштението за јавноста, министерот Мехај изјавил дека отворањето на таква база „би имало голем придонес за регионалниот мир и за стабилноста на Балканот“.

Кампот „Бондстил“ во Урошевац е најголемиот воен камп на САД во Косово.

Потсекретарот Кал, пак, ја реафирмирал поддршката од САД за евроатлантската интеграција на Косово, истакнувајќи дека „визијата на претседателот Џо Бајден за интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ останува приоритет на агендата“.

Двајцата соговорници разговарале и за функционирањето на Косовските безбедносни сили, при што Кал ветил продолжување на поддршката за нив од неговата држава, а ја пофалил и мировната мисија на Косово во Кувајт од март годинава.