Косово го напушти енергетскиот блок во кој беше со Србија, Македонија и Црна Гора за да се приклучи на Албанија.

Почнувајќи од понеделник, Операторот на системот за пренос и пазар на Косово (КОСТТ) ќе работи независно од регулаторниот блок СММ (Србија, Црна Гора и Македонија).

Врз основа на договорот потпишан во јуни помеѓу КОСТТ и Европската мрежа на оператори на електроенергетска мрежа (ENTSO-E), по повлекувањето од СММ, ќе се формира нов регулаторен блок Косово-Албанија (АК).

„Енергетската независност е заеднички успех на Косово и неговите меѓународни пријатели“, рече премиерот на Косово, Авдулах Хоти.

Извршниот шеф на КОСТТ, Илир Шаља изјави за Радио Слободна Европа дека од 2008 до 2019 година, Србија нелегално ја користела мрежата за пренос на Косово и собрала приходи од околу 65 милиони евра.

Овој договор ќе им заштеди на Косово и Албанија околу 4 милиони евра.
„Придобивките за операторот на системот за пренос на Албанија (ОСТ) ќе бидат 1,4 милиони евра, додека за КОСТТ ќе бидат 2,6 милиони евра“, рече Шаља.

Премиерот на Албанија, Еди Рама во понеделникот на Фејсбук напиша дека е направен „многу важен чекор“ за електричниот сектор Албанија-Косово.

„Започнува 400 kW линиски пренос меѓу двете земји, стратешки акт со влијание врз зголемување на безбедноста и електричниот капацитет на нашите две земји“, рече Рама.