Првиот заменик на Претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, ја посочи корупцијата како попречувач на правдата, поради што бил потребен ветинг на сите нивоа во општеството.
„Има селективна правда, за жал, и тоа го имаме констатирано во неколку наврати, но јас сметам дека медиумите, невладините организации и политичките партии, но и судството, значи судиите и обвинителите, заедно треба да собереме сили да започнеме процес на ветинг, цел општествен ветинг, да расчистиме еднаш засекогаш со сите корумпирани политичари, новинари, судии, обвинители и да поминеме низ тој процес на прочистување како општество и да ги вратиме кредибилитетот и довербата во институциите. Затоа, се надевам дека 2023 ќе биде година во која ќе успееме да го усвоиме законот за ветинг и да го почнеме тој процес“, изјави тој за емисијата „Трилинг“ на ТВ 24.
„Кој ја попречува правдата? Ако може во еден збор да го дадам одговорот, тоа е корупцијата“, заклучи вицепремиерот од ДУИ, партија на власт 18 од последните 20 години, од која никој досега не одговарал за – корупција.