Коритаров: За чисти односи со Македонија прво покајание за окупацијата и депортацијата на Евреите

Според бугарскиот новинар Георги Коритаров, односите меѓу Бугарија и Македонија треба да почнат да се расчистуваат со покајание од Софија за окупацијата на југозападниот сосед и за депортацијата на македонските Евреи во Треблинка во Втората светска војна.

„Бугарија е идеен коавтор и своевиден иницијатор за депортацијата на еврејското население од Македонија во логорите на смртта, а не како што се обидуваат да ја претстават – зборувам за царството и за пронацистичкото раководство на Богдан Филов и на Борис Трети – жртва на нацистички предлози или влијанија. Токму поради тоа, вистината или расчистувањето на односите меѓу Бугарија и денешна Република Северна Македонија треба да почне со едно вистинско покајание и признание за историската вина на царството Бугарија, не само како фактор за окупирање на соседните територии, туку и како фактор во извршувањето на едно од најзлокобните злосторства – депортацијата на тамошното еврејско население, со цел можеби да му се угоди на Хитлер и по војната, ако тој би ја добил, тој дел од бившото Кралство Југославија да биде присоединето засекогаш кон Бугарија. При таква историја јас не знам кој за какви кражби може да зборува, дали и воопшто каков бил Гоце Делчев според самоопределувањето е важно на фонот на тоа што ви го прочитав“, вели Коритаров во својот коментар на ТВ Европа.

Како подлошка за коментарот тој го искористи и се повика на денешниот напис на expres.mk насловен „Бугарската влада во 1943 платила за депортација на 600 еврејски деца до Треблинка (ДОКУМЕНТ)“.