Дури 15 отсто од девојчињата во Македонија користат весници наместо хигиенски влошки за време на менструалниот циклус, поради високата цена на средствата за лична хигиена, покажа истражување направено во 2018 во април и мај, во Скопје, Велес и Куманово, со 800 испитаници, на возраст од 14-45 години.
Според податоците од онлајн истражувањето за менструална правда на „Тииииит! Инк.“ и „Реактор“, 77 отсто од анкетираните жени и девојки трошат од 101 до 400 денари месечно на производи за менструација, или во просек 265,54 денари, пишува Дојче веле
За една година жените трошат 3.186, 48 денари на менструални производи. Ако репродуктивниот период на жената трае од 12 до 52 години, во просек 127.459,2 денари трошат жените и другите лица кои менструираат на производи за менструација во текот на својот живот.
Изминативе години, неколку невладини организации и здруженија постојано истражуваат и апелираат до институциите дека е потребно целосно ослободување или намалување на данокот на додадена вредност од 18 на 5 отсто на производите за менструација (влошки, тампони, чашичка и слични производи) со цел намалување на продажната цена на овие производи. Тие, исто така, апелираат дека на товар на државниот буџет треба да има бесплатни производи за ученичките во основните и средни училишта, а да бидат достапни и во јавните тоалети низ земјава.